Новак Ѓоковиќ (37) денеска во четвртфиналето на Австралија Опен го совлада 16 години помладиот Карлос Алкараз со 4:6, 6:4, 6:3, 6:4. Со 37 години и 243 дена, Србинот стана четвртиот најстар тенисер кој победил тенисер кој бил рангиран меѓу најдобрите тројца во светот на Грен слем турнир. Кен Роузвол е сè уште неприкосновен, откако го победи Џон Њукомб во полуфиналето на Ју-ес опен во 1974 година на возраст од 39 години и 299 дена.
Ѓоковиќ ќе игра против Александар Зверев, светскиот рекет број два, во рекордното 50. Грен слем полуфинале. Двајцата досега одиграа 12 официјални натпревари еден против друг, а Новак води со 8:4. Српскиот тенисер победи на сите три претходни Грен слем натпревари.
По мечот, Ѓоковиќ на теренот направи интервју со Џим Куриер, а на прашањето како го доби овој меч, тој одговори: „Од каде да почнам? Со моите две нозе и две раце, поточно со една и пол нога. На почетокот морам да кажам, почит кон мојот противник за сето она што го направи, како тој е исклучително момче, најмладиот број 1 досега, се надевам дека ќе видиме нови натпревари. наскоро.
Тој ќе биде тука подолго од мене, но овој натпревар денеска беше… Не знам, Александар Зверев веројатно е буден и го гледа ова. И неговиот тим исто така. Еден од оние епски натпревари, благодарам на сите што останаа, сега е 1 часот по полноќ, благодарам што гледавте“.
Откри и во каква состојба е неговата нога. Во финишот на првиот сет, при водство на Алкараз 5:4 побара лекарска помош.
„Сè уште сум на теренот, па не можам да се пожалам или откријам премногу. Морав да земам уште една доза лекови. Не знам дали ќе продолжев ако го изгубев вториот сет. Одиграв два одлични гејма, а потоа лековите почнаа да делуваат, што навистина ми помогна.
Потоа видов дека Карлос малку е нерешителен, а јас почнав да се движам подобро. Освоив одлични гемови и сет, а потоа сè некако се отвори, ми даде шанси, се движев подобро. Некако не ја чувствував повредата. Велам, лековите почнаа да ме опуштаат. Во четвртиот сет болките се вратија па морав да земам уште една доза. Ќе ја видиме како ќе биде кога ќе престане дејството на лекот, но засега морам да уживам во победата“, изјави Ѓоковиќ.
Текстот Ѓоковиќ: Го победив Алкараз со една и пол нога е превземен од МАКФАКС.