Двајца затвореници побегнаа од затворот во Пикасент, 15 километри од Валенсија, во саботата навечер, искористувајќи ја еуфоријата предизвикана од гледањето фудбалски натпревар помеѓу Барселона и Атлетико Мадрид на телевизија.

Затворениците избегале по ноќното пребројување, кое се случува околу 21 часот, што се совпадна со почетокот на дербито од шпанската лига меѓу Барселона и Атлетико.

Затворениците ја искористиле вревата и метежот предизвикан од натпреварот, објави денеска шпанскиот јавен сервис ТВЕ, повикувајќи се на неименувани извори од затворот.

Двајца затвореници ги скршиле решетките од својата ќелија, се спуштиле со врзани чаршафи и избегале од затворскиот комплекс.

Затворскиот синдикат изјави за новинската агенција ЕФЕ дека бегството на двајцата е резултат на пропуст на безбедносниот систем во затворот во Валенсија, еден од најстарите во Шпанија. Синдикатот повика на ангажирање на дополнителни чувари.

Затворската служба отворила истрага, а полицијата трага по бегалците, чиј идентитет не е соопштен, ниту зошто издржувале затворска казна.

Фудбалот е најпопуларниот спорт во Шпанија. Во саботата Атлетико го презеде првото место на првенствената табела од Барселона со победа од 2-1.

Текстот Филмско бегство на затвореници во Шпанија за време на мечот Барселона-Атлетико, се спуштиле со врзани чаршафи е превземен од МАКФАКС.