Марио Мамиќ, син на Здравко Мамиќ, е осуден на една година и четири месеци затвор поради соучесништво во изнуда на пари од ГНК Динамо Загреб.
Пресудата е донесена врз основа на договор со обвинителството, во кој Мамиќ се изјасни за виновен за учество во злосторничко здружување.
Покрај затворската казна, Жупанискиот суд Осиек му изрече и дополнителна парична казна од 750 илјади евра. Исто така, ГНК Динамо Загреб како оштетен ќе добие отштета во износ од два милиони евра, додека Мамиќ ќе треба да плати и судски трошоци од 70 илјади евра.
Сандро Стипанчиќ, кој беше обвинет и во аферата „Динамо 2“ е осуден на 11 месеци затвор. Сепак, казната ќе му биде заменета со општокорисна работа. Дополнително, Динамо ќе треба да врати 113 илјади евра и да плати судски трошоци од 20 илјади евра.
Мамиќ и Стипанчиќ на рочиштето одржано во понеделникот ја признаа вината, прифаќајќи ги сите фактички наводи во изменетиот обвинителен акт. Нивната одбрана изјави дека постигнале договор со Динамо. Динамо треба да ги добие споменатите суми во рок од два и пол месеци.
Додека случајот против Марио Мамиќ е завршен, постапката против Здравко и Зоран Мамиќ, како и поранешниот директор на Динамо, Дамир Врбановиќ, се уште трае. Нивните адвокати на минатото рочиште најавија дека нивните клиенти негираат вина.
Здравко и Зоран Мамиќ моментално се во Босна и Херцеговина каде ја избегнуваат хрватската правда. Следното рочиште за нивниот предмет е закажано за 21 јануари.
Текстот Марио Мамиќ осуден на затворска казна е превземен од МАКФАКС.