Од вчера ниту еден играч на Баерн нема да може да го носи дресот со број 5, кој некогаш му припаѓаше на најголемиот германски фудбалер на сите времиња и легенда на клубот од Минхен, Франц Бекенбауер.

Во Баерн вчера се одржа клупското собрание на кое беа презентирани финансиските извештаи и плановите за во иднина. На почетокот на настанот, клубот организираше специјален настан во чест на Франц Бекенбауер, одржувајќи изложба наречена „Засекогаш наш Кајзер“, на која беа претставени уникатни експонати од неговата кариера.

За збор се јави претседателот на клубот Херберт Хајнер.

„Франц, ни недостигаш. Она што останува и не поврзува се сеќавањата за тебе“, рече Хајнер и потоа објави дека управата на клубот донела одлука да се повлече со број 5.

„Франц Бекенбауер засекогаш ќе остане недопирлив, засекогаш нашиот Кајзер. Бројот 5 ќе биде резервиран за уникатно наследство, бидејќи нашиот клуб и неговата историја се едноставно незамисливи без Франц“, рече Хајнер.

На клупско ниво, Бекенбауер освои дури 13 трофеи како играч на Баерн, вклучувајќи четири титули во германското првенство и три титули во Купот на шампионите. Како тренер, тој го предводеше Баерн до титулата во германската лига во 1994 година и Купот на УЕФА во 1996 година.

Бекенбауер е еден од само тројцата во историјата на фудбалот, заедно со Бразилецот Марио Загало, кој почина пред два дена, и Французинот Дидие Дешам, кои го освоија Светското првенство и како играчи и како тренери.

Како играч го освои Светското првенство во 1974 година на домашен терен, а како селектор на Германија во 1990 година во Италија.

Бројот 5 последен пат во Баерн го носеше Французинот Бенжаман Павар кој сега настапува за Интер.

Текстот Баерн од употреба ја повлече „петката“ на Франц Бекенбауер е превземен од МАКФАКС.