Нашиот избор, односот што го градиме, како и посветеноста на превентивната работа со малолетничката популација, пред се со учениците во основните и средните училишта беа и се на самиот врв како наши приоритети, вклучително и во областа на превенција на зависности од дрога. Тоа е проблематика која бара континуирана, сериозна институционална будност и активност на сите оние чинители коишто се инволвирани во развојот во образованието, во воспитувањето, во грижата за нашите најмлади, за нашата иднина.

Ова го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој го означи почетокот на проектот на МВР за спречување на зависности од дрога и психотропни супстанци кај младите, под мотото „Кажи Не на дрогата, Да на животот“, со посета на Гимназијата „Јосип Броз Тито“, како што рече, едно од најелитните училишта во државата и во градот Скопје токму на првиот ден од новата учебна година.

МВР, нагласи тој, во тој поглед веќе години наназад преку своите организациони единици од областа на превенцијата во соработка со стручните служби во доменот на недозволената трговија со дрога и психотропните супстанци е целосно ангажирана за една отворена соработка којашто пред се ќе значи едукација и заштита на нашите деца од секој вид опасности или пороци коишто ги имаме и за кои што со децата мораме многу отворено, транспарентно да разговараме се со цел да ги спознаеме сите негативни страни и ефекти коишто се за нив лично, меѓутоа и за општеството во целина.

-Покрај на превенцијата, ние сериозно работиме и на репресивниот елемент во делот на сузбивањето на недозволената трговија со дрога. Нашата полиција во првото полугодие од 2023 година откри 372 кривични дела од областа на недозволената трговија со дроги и психотропни супстанци при што имаме кривично пријавени 440 сторители и притоа се запленети вкупно 286 килограми марихуана, три килограми кокаин, седум килограми амфетамини и над 3.500 парчиња на синтетичка дрога. Дополнително беше разоткриена и лабораторија за производство на амфетамини и беа пресечени три меѓународни транспорти на дрога на територијата на нашата држава и сузбиени пет криминално нарко-трафикански групи. Македонската полиција беше и е дел од меѓународната акција која што ја спроведовме заедно со Република Грција која што резултираше со заплена на 105 килограми на кокаин. Тоа беа информации коишто ги добија нашите колеги – оперативни информации коишто ги споделивме со колегите и акцијата ја реализиравме на територијата на Република Грција еден дел од акцијата, и еден дел на територијата на Република Северна Македонија на ГП „Богородица“, наведе Спасовски, кој им посака многу среќа и успеси на учениците и наставниците во новата учебна година.

На новинарско прашање Спасовски рече одлуката да започнат ваква превентивна активност токму кај најмладата популација, бидејќи на таа возраст младите луѓе не можат да ги спознаат можните штети не само од здравствен аспект.

-Еве да кажеме една штета којашто може да настане до крајот на животот. Ако кој било од младите луѓе консумира во овој момент дрога или психотропни супстанци или се занимава со каква било друга нелегална активност штетата за цел живот ќе биде тоа што ќе се наоѓа во криминалните евиденции на државата и секогаш кога ќе треба да добие позитивна безбедносна проверка тоа не може да го направи. За тоа младите не се свесни во овој момент. Можеби и нивните родители не се свесни колку е важно овој аспект да се зачува, меѓутоа кога ќе дојдат во период на остварување на своите соништа од делот на образованието, па низ професионалните институции тогаш се јавува проблем којшто не може да биде надминат заради тоа што не може да се добие таков безбедносен сертификат, рече Спасовски.

Тој при тоа нагласи дека динамиката на животот, користењето на напредни технолошки методи ја спушта границата во која што влегуваат во разни интеракции младите луѓе и укажа дека, покрај училиштето, сепак, семејството како најважната алка мора да ја зголеми будноста во овој дел на образованието и воспитувањето.

Директорката на „Јосип Броз Тито“ Силвана Кржовска, рече дека досега во нејзиниот мандат немале проблем поврзан со конзумирање на дроха или психотпропни суспанци од нивни ученици.

-Децата имаат малку страв од мерките и казните, сепак, доколку нешто се случи најчесто се оди преку педаgошката служба, имаме педагог, односно училишен психолог кој што е одговорен за тоа и гледаме тоа да се реши заедно со детето, родителот и класниот раководител, вели Кржовска.

Превентивната кампања „Кажи Не на дрогата, Да на животот“,  ќе се спроведува низ целата држава на територијата на сите сектори на внатрешни работи преку сите оддели за превенција. Проектот МВР ќе го спроведува со Македонскиот полициски синдикат бидејќи е заеднички проект, а  има можност за вклучување на невладини организации, експерти, партнери со коишто заеднички ги спроведуваме ваквите превентивни активности.