Предлогот за дополнување на Уставот има само единствена релација и мотив – влез во Европската Унија, тоа што го бараат граѓаните, а уставните измени кои се пред нас не загрозуваат ни едно македонско идентитетско прашање. Ние заради нас самите мора да бидеме европска држава. Знам дека овој пат не е ни лесен ни краток, но цврсто знаеме дека ново вето од кој било нема да има на европскиот пат, порача премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на 123-тата седница на Собранието на која единствена точка на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот со кој се предвидува вметнување на Бугарите и на уште пет етнички заедници во преамбулата на Уставот.

– Предлогот за дополнување на Уставот има само единствена релација и мотив – влез во ЕУ, тоа што  го бара и очекува огромното мнозинство на граѓаните. Предлогот е наш македонски базиран на европскиот предлог и договор од 2022 година, со кој државата после долги години чекање конечно ги отвори преговорите за членство. Напишан е тука во Скопје каде и се дебатира во Собранието. Ги отфрлам лажните тези дека постои диктат од било кого за било што. И најважно од сѐ, Уставните измени кои се пред вас не загрозуваат ниту едно македонско идентитетско прашање. Предлогот не задира и не се однесува на било кое македонско идентитетско прашање. И тоа е целосно јасно, јасно на сите во државата, рече Ковачевски.

Нагласи дека со предлогот постои само нашата сегашна, а сепак историска можност, да направиме нешто добро за државата!

-Со усвојување на Предлогот, да донесеме одлука не да стоиме во место, не да каскаме, не да чекаме повторно, туку да чекориме во полноправно членство во Европската Унија и да ја оствариме поставената цел за полноправно членство во 2030 година. Да, ова е наш македонски предлог, подржан од целокупната Европска Унија и нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави, за наша корист, за наше добро, потенцира Ковачевски и додаде дека за само една година, поддршката за нас драстично се зголеми.

Ние лани, по 17 години, додаде, конечно ги започнавме преговорите со Европската Унија.

-Во Брисел, во Европската комисија Скринингот тече на македонски јазик и тоа многу успешно. Ние мораме да продолжиме и понатаму, да ги отвораме и затвораме поглавјата, едно по едно. Тој процес е суштински затоа што треба да нѐ промени, да нѐ трансформира, да нѐ направи поуспешни. Тоа е наша одлука, наша потреба и за тоа одлучуваме ние во Скопје, а не во Брисел, а најмалку во Софија. Имаме соодветна преговарачка рамка која е фиксна. Нови барања нема, а билатералните прашања не се пречка и нема да бидат понатаму поврзани со исполнување на заедничките стандарди. Со исполнување на преземените обврски од европскиот предлог лани, цврсто знаеме дека ново вето, од било кој и за било што, нема да има, истакна Ковачевски.

Посочи дека е факт оти на македонски јазик се говори и пишува во Брисел и дека се случи поддршка за нашиот вековен идентитет и во Берлин и во Вашингтон, во сите најважни европски престолнини.

-За прв пат се потпиша договор на македонски јазик со Европската Унија, конкретно со Фронтекс, нагласи Ковачевски.

Предлогот за промена на Уставот, како што кажа, е резултат на повеќемесечна, целосно отворена, транспарентна, експертска и политичка дебата.

-Како што ветивме, така и постапивме. Јавно, јасно, без ограничувања и во широка постапка, овозможивме сите релевантни фактори, сите граѓани да бидат целосно запознаени со потребата, причините и конкретната содржина на Предлогот за изменување и дополнување на Уставот, рече Ковачевски.

Предложените интервенции во Уставот, како што појасни,  се однесуваат единствено на додавање делови од народи во Преамбулата и во членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи кои живеат во нашата држава.

-Односно, во делот: „Граѓаните на Република Северна Македонија, Македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите…“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ. Согласно ова и согласно претходните измени на Уставот, е направена и измената на делот за Комитетот за односи меѓу заедниците, за запазување на паритетот на претставниците во Парламентот, на сите, вака утврдени, заедници во Преамбулата на Уставот, рече премиерот.

Со тоа што во Уставот е посочено на македонски народ и делови од народи и со овој предлог се додаваат во продолжение другите делови од народи, како што посочи, недвосмислено е истакната примарната уставотворност на македонскиот народ, како и објективната културолошка, историска и нормативна засебност и уникатност на македонскиот народ од другите народи, вклучувајки го во овој контекст и бугарскиот народ.

-Ете тоа е промената и дополнувањето. Ниту може, ниту се сака, ниту се прави, ниту е воопшто возможно да се загрози, намали и релативизира македонскиот народ, рече Ковачевски.

Потсети дека уште во 1991 година, граѓаните дефинираа дека интеграцијата во Европската Унија е највисок државен приоритет.

-За мене и за огромното мнозинство граѓани, ништо не е променето и во 2023 година. И тогаш и сега, влезот во Европската Унија беше, е и ќе биде најдобриот државен, интеграциски, интер-етнички, меѓу-генерациски, економски, правен и политички процес. Нашето сврзно ткиво, нашиот механизам да се промениме на подобро, нашиот начин да бидеме држава со сите стандарди. Тоа е, заедно со нашето членство во НАТО, што нѐ прави држава со цел, со фокус, со кохезија. Држава со сегашност, држава со јасна иднина, кажа Ковачевски.

Лично верувам, додаде, дека со гласањето за, сите можеме да бидеме победници, како што со гласањето против, сите ќе бидеме губитници, за жал ќе ги направиме државата и граѓаните губитници.

-Тие тоа не го заслужуваат, тоа не го сакаат. Ова не е, и не смее да биде гласање за избори. Избори ќе има следната година, и граѓаните, а не Вие 120 почитувани пратеници, ќе одлучат за резултатите, така како што е редот во демократска држава! Од Вас, можам човечки да повикам и да апелирам на разум, совест, чесност и водење од општите, а не од лични интереси. Што и да направите, одговорност имате, но првата одлука, Ве прави заслужни за прогресот, а втората одговорни за штета на државата и граѓаните, им порача премиерот на пратениците.

Денеска, како што потенцира, е денот кога ќе стане јасно кој навистина сака да ја види државата во ЕУ, а кој ја блокира европската иднина на граѓаните, на денешните и идните генерации. Кој ќе се заложи државата да оди напред, а кој преку изговори ќе бега од одговорност пред граѓаните.

-Денес е денот кога ќе се види дали ќе бегаат оние што бегаа и блокираа и досега или пак ќе се одважат и ќе дадат глас за европската иднина на државата и граѓаните, рече Ковачевски.

На граѓаните им порача дека треба да бидат уверени дека оваа одлука се носи во нивен најдобар интерес.

-Сакаме и повикуваме зад неа да застанат сите, да покажеме за промена заедничка кохезија, единство, нова енергија и пример за државничко однесување. Да покажеме пример за државата, рече Ковачевски и додаде дека се надева оти дебатата за уставните измени ќе биде мирна, конструктивна и успешна.