Северна Македонија стана лидер во регионот, како и на глобално ниво со тоа што го направи национален приоритет да се стави крај на бездржавјанството до крајот на 2023 година, изјави амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
На денешната регионална работилница наменета за поддршка на земјата во нејзините заложби да се стави крај на бездржавјанството што се одржа во Скопје, амбасадорот рече дека оваа цел на нашата држава е амбициозна, но и остварлива, дополнувајќи дека Мисијата, заедно со УНХЦР, со задоволство го поддржува овој процес.
Министерот за правда, Кренар Лога, на настанот истакна дека е горд на ова достигнување.
– Горд сум што станавме прва земја во Европа, како и втора земја во светот која го решила успешно проблемот со неевидентираните лица. Република Северна Македонија станува поправедна држава од вчера, а со целосна имплементација на законот ќе стане порамноправна држава отколку што е денес, рече тој.
Министерот Лога посочи дека со овој закон ги исполнуваме и меѓународно преземени обврски за граѓанска регистрација и издавање на документи уредени со Конвенцијата за правата на детето, Загребската декларација за пристап до цивилна документација и регистрација во Југоисточна Европа во 2011 година и Конвенцијата за намалување на бездржавајнството, усвоена од Организацијата на Обединетите Нации во Њујорк, ратификувана во 2019 година.
– Очекувам дека до крајот на 2023 година овие лица да добијат идентитет и што е најважно, конечно ќе можат да ги остварат нивните уставно загарантирани човекови права без да им биде ограничен пристапот до образование, здравствена и социјална заштита, рече тој.
Министерката за труд и социјална политика потсети дека предизвикот на оваа категорија на лица е нотиран во 2011 година.
– Ако од 2011 започнеше да се решава овој проблем и досега ќе беше решен и немаше да зборуваме за неевидентирани лица во нашата држава, рече Тренчевска.
Министерката појасни дека како Влада од 2018 година повторно го актуелизираат прашањето за лицата без документи дека по насока на Министерството за труд и социјална политика, тим од сите релевантни чинители ги посетиле населбите за кои добиле информација дека постојат лица неевидентирани во Матична книга на родени и за истите се пополниле прашалници со цел да се изработи посебен електронски регистар каде се внесени околу 700 неевидентирани лица.
– Утврдената состојба на терен наложи да се изгради едно преодно решение со кое што на оваа маргинализирана група ќе им се овозможи евидентираат во посебна матична книга на родени, заради добивање на Извод од посебната матична книга на родени и идентификациона исправа заради остварување на право на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување, посочи Тренчевска.
Кристина Бунеа, в.д. претставничка и одговорна офицерка во Претставништвото на УНХЦР во Северна Македонија, исто така, го поздрави напредокот на нашата држава.
– УНХЦР го поздравува големиот напредок постигнат од Северна Македонија за справување со бездржавјанството и се надева дека со усогласената имплементација на најновите измени на Законот за матична евиденција усвоени од Собранието во јуни и напорната работа на вработените во Управата за водење матични книги, сите оние кои немаат извод од матична книга на родените и оние кои моментално се привремено регистрирани ќе ги уживаат своите права како горди граѓани на земјата, рече таа.
Бунеа нагласи дека од огромна важност ќе биде и фактот како овие случаи да се превенираат во иднина.
Собранието пред повеќе од еден месец ги усвои измените на Законот за матична евиденција, со кои ќе се овозможи решавањето на случаите и правна видливост за 700 граѓани кои водеа децениски битки со системот да добијат правен идентитет. Измените беа усвоени по брза постапка со 63 гласа „за“. Овие измени овозможуваат решавање на сите познати случаи на бездржавјанство, како и секое дете родено во земјата да добие извод при раѓање, без разлика дали неговите родители се без документи или без државјанство.
Целта на серијата регионални работилници организирани од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и УНХЦР низ земјата е да се обучи административниот персонал за практична примена на новоусвоените измени и дополнувања на Законот за матична книга на родените во врска со задоцнета регистрација на нерегистрирани лица во Северна Македонија.