Дури 36 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на пленарната седница во Собранието не дадоа поддршка за новиот Закон за употреба на македонскиот јазик. Голем дел од нив или отсуствувале од седницата или пак воопшто не гласале. Меѓу нив се: Игор Здравковски, Љупчо Димовски, Александар Велјановски, Иванка Василевска, Грација Бакрачевска, Мирче Аџиоски, Силвана Ангеловска, Игор Јанушев, Тони јаревски, Зоранчо Јованчев, Драган Ковачки, Зоран Коцевски, Благица Ласовска, Миле Лефков, Олга Лозаноска, Рашела Мизрахи, Стојан Миланов, Антонијо Милошоски, Владо Мисајловски, Никола Мицевски, Александар Николоски, Ели Панова, Златко Пенков, Ангелинка Петкова, Марија Петрушевска, Бране Петрушевски, Жаклина Пешевска, Јадранка Поцкова, Љупчо Пренџов, Петар Ристески, Ѓорѓија Сајкоски, Гордана Сиљановска-Давкова, Иван Стоиљковиќ, Синиша Стојановски, Бојан Стојаноски и Велика Стојкова-Серафимовска. За Законот за македонскиот јазик не гласале ниту пратениците од Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, како и пратеникот од Демократски сојуз Павле Трајанов.

Претходно министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска истакна дека првото читање за предлог-законот за употребата на македонскиот јазик во комисиската расправа поминало во пријатна атмосфера и се надминале пречките што постоеле во таа комисија.

-Сите политички партии го поздравија носењето на ваков закон. Го должиме како генерација и како политичари на оваа држава. Ги нотиравме природните промени на јазикот и тие треба да се пресликаат онака каква што е реалната состојба, рече министерката во телевизиско гостување.

Со новиот Закон за употреба на македонскиот јазик властите влегоа во процес на дополнителна заштита, унапредување и збогатување на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Како што наведуваат предлагачите, односно Министерството за култура, ова е сеопфатно законско решение преку кое ќе биде отсликана реалната состојба со променливата природа на јазикот, а секоја институција ќе биде задолжена да го применува стандардниот јазик. Законското решение во моментов е во собраниска процедура и неочекувано за досегашната практика, начелно добива поддршка од сите политички партии.

Еден од новитетите во законското решение е создавање Инспекторат за употреба на јазикот, но и дополнително изучување и афирмација на јазикот во странство. Во новиот текст се предвидуваат и задолженија за Министерството за образование и наука. Па така, секој мај во тековната година МОН ќе распишува конкурс за стипендирање ученици од четврта година средно образование за да ги стимулира учениците за запишување на универзитетите за изучување на македонскиот јазик.

МОН во текот на една година ќе може да додели најмалку десет, а најмногу дваесет стипендии. Воедно, Министерството за образование и наука во текот на академската година ќе распишува и конкурс за стипендирање студенти за изучување на македонскиот јазик во сите три циклуси на високото образование. Согласно планираното, во текот на една година ќе може да се доделат најмалку пет, а најмногу десет стипендии за додипломски студии, потоа најмалку три, а најмногу седум стипендии за магистерски студии за изучување на македонскиот јазик. Предвидени се и  најмалку две, а најмногу пет стипендии за докторски студии..

Законот се заснова на следниве цели: – Подигање на јазичната култура, негување и заштита на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо; – Афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилна употреба на македонскиот јазик во јавната и во службената комуникација; – Почитување и унапредување на јазичниот стандард и организирање активности во оваа насока.

По усвојувањето на Законот се очекува значително да се зајакне и неговото изучување и промоција во странство, во странски образовни институции во сите степени во образованието. Во оваа насока се даваат и предлози за отворање лекторати за македонски јазик во странство, како и поддршка на работата на постојните лекторати во странство. Образовните власти ќе се впуштат и во создавање научен подмладок за научно истражување на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, како и доделување државни награди и признанија од областа на проучувањето и афирмацијата на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо во Републиката и во странство. Меѓу најголемите новини од законското решение е и поддршка за учење на македонскиот стандарден јазик за странски студенти кои македонскиот јазик го изучуваат како странски јазик, во и надвор од Републиката, но и изучување на јазикот во културно-информативните центри на земјава во странство. Се предвидува и издавање публикации и учебници на македонски стандарден јазик во земјава и во странство.

Иако се очекува македонскиот стандарден јазик да се изучува во културно-информативните центри на земјава во странство, во Грција веќе е отворен и Центар за македонски јазик, чија дејност беше потврдена и од грчките судови. Центарот за македонски јазик во Лерин е законски регистрирана невладина организација, Ова е прва официјална потврда за постоењето на македонскиот јазик во Грција, откако лани барањето за регистрација на Центарот за македонски јазик како невладина организација беше одобрено од грчкиот суд, со што Центарот стана првата организација која директно се грижи за македонскиот јазик и што е регистрирана и призната од грчките државни органи.

Во Статутот на оваа невладина организација пишува дека нивни цели се изучување на македонскиот литературен јазик од страна на граѓаните на Грција, преку интернет-страница, поддршка на заложбите за идно воведување на македонскиот литературен јазик како изборен предмет во јавните училишта (основни и средни) и универзитетите во Грција, кои се наоѓаат во регионите Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија, поддршка на заложбите за идно формирање на педагошки училишта/одделенија во рамките на постоечките универзитети во Грција за обука на наставници по македонски јазик, како и за изработка на наставни програми и наставни материјали.

Дополнително, темата за македонскиот јазик беше покрената и за време на усвојувањето на преговарачката рамка од преговорите за членство во Унијата, минатата година. Во предлог-преговарачката рамка именувањето на јазикот на кој ќе се преведува заедничкото европско право е со чиста одредница „македонски“, без дообјаснувања или фусноти. Веднаш по усвојувањето на преговарачката рамка беше усвоен Законот за ратификација на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската унија за оперативните активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС) во Република Северна Македонија. Ова беше прв договор меѓу Скопје и Брисел кој е потпишан на македонски јазик. Со потпишувањето на овој документ и неговата ратификација, како што беше наведено во владиното соопштение, статусот на службената употреба на македонскиот стандарден јазик се издигнува на врвно рамниште, „што нѐ прави сите нас, граѓаните на Република Северна Македонија, исклучително горди на нашата култура, јазик и идентитет, кои се признати и препознаени и во меѓународни рамки“.