Фудбалскиот сојуз на Романија се најде во проблем по ждрепката за квалификациите за Европското првенство во 2024 година, бидејќи фудбалската репрезентација на таа земја ќе игра во групата И со Косово.
Романија не ја призна оваа земја која се натпреварува врз основа на одлуката на УЕФА, а Фудбалскиот сојуз на Романија соопшти дека ќе води дијалог со нивната влада за да се договорат за условите под кои ќе бидат домаќини на селекцијата на Косово.
„Со оглед на тоа што Романија и таканареченото Косово се во иста група, а имајќи ја предвид геополитичката ситуација, Фудбалскиот сојуз на Романија ќе води дијалог со Владата на Романија за условите на натпреварот во кој нашата земја ќе го пречека таканареченото Косово“, соопшти романската фудбалска федерација за порталот ГСП (Газета спортурилор).
Поранешниот министер за надворешни работи на Романија, Теодор Малешкану изјави дека ФС на Романија треба да најде решение кое нема да предизвика фудбалска штета на репрезентацијата.
„Т.н. Косово не е признаено од голем број земји, вклучително и ние. Никогаш не сме ја признале нивната независност. Нормално, нашиот фудбалски сојуз треба да разговара со други земји кои имаат ист став како Романија и да излезе со метод што треба да не го уништи целиот систем, туку да ги почитува работите кои се многу јасни од гледна точка на Романија“, рече Малешкану и додаде:
„Затоа ФС Романија ќе мора да најде некои решенија. Ако не, тогаш она што може да се направи е да се загуби со службен резултат 3:0“.
Извор: Спорт Клуб