Аналитичарот Едвард Џозеф од Школата за напредни и меѓународни студии при Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон во интервју за Дојче Веле вели дека иницијативата Отворен Балкан има „опасни импликации“ кои не се добро разбрани.
-Опасностите од Отворен Балкан не се добро разбрани, иако на многумина на самиот Балкан им се јасни. Работев повеќе од десетина години – вклучително и во текот на годините на војната – во сите земји погодени од конфликти на Балканот. Како и многумина во регионот, јас гледам динамика низ таа призма, особено тврдењето на големосрпскиот национализам, кој денес го промовираат претседателот Александар Вучиќ и неговите делегати под знамето на „Српскиот свет“, вели Џозеф.
Тој понатаму во интервјуто додава:
-Иницијативата Отворен Балкан не е само одвлекување на вниманието од суштинските проблеми во регионот – кои се политички – туку всушност ризикува да ги влоши тие политички проблеми.
Проблемите со Отворен Балкан можеме да ги резимираме на следниов начин: „сомнителна теорија; наивна конструкција; опасни импликации“.
Да почнеме со имплицитната теорија во основата на „Отворен Балкан“: „трговија еднаква на доверба“ (ова е мојот опис). За жал, оваа теорија се урива во реалноста. Погледнете ја само бесната руска агресија против Украина. До 24 февруари, Русија и Украина имаа огромна трговска размена, вредна речиси 10 милијарди долари комбинирана вредност на извоз-увоз. Во моментов, Кина спроведува агресивни воени вежби против Тајван – земја која извезува стоки во Кина во вредност од 273 милијарди долари, вклучително и критични полупроводници. Кина е трговски партнер број еден на Тајван, одговорна за една третина од нејзината трговија.
Според теоријата на Отворен Балкан, сите овие земји треба да бидат во мир. Наместо тоа, тие се или во војна, или во чекори кон војна. Од поддржувачите на Отворен Балкан треба да се побара да го објаснат ова, вели тој.
Целото интервју можете да го прочитате на Дојче Веле.