Во врска со интервјуто на МНР на Руската Федерација, Сергеј Лавров во кое се споменува Република Северна Македонија во неприфатлив контекст, македонското МНР со реакција:

Од стекнувањето на независноста на Република Северна Македонија постои силно меѓуетничко и надпартиско единство за членство во Европската Унија.

Нашето Собрание пред повеќе од 30 години донесе едногласна одлука за ваквата надворешно-политичка ориентација на земјава.

Таквите одлуки за зачленување во меѓународни сојузи, како и секоја друга суверена држава ги донесуваме водени исклучиво од сопствени интереси со поддршка од најголемиот број на граѓани.

Во изминатите години сите политички чинители даваа значаен придонес во имплементација на ваквите стремежи.

Денес Република Северна Македонија е полноправна членка на НАТО, заедно со нашите сојузници целосно сме посветени на сочувување на меѓународниот мир и безбедност при што најостро се спротивставуваме на сите кршења на меѓународното право, каков што е случајот со агресијата врз Украина.

Истовремено постојано се бориме против сите злонамерни влијанија од трети држави со цел мешање во нашите внатрешни работи.

Во интервјуто се манипулира со религиозните чувства на православните верници во нашата држава и се користи добивањето на автокефалноста на МПЦ- ОА за промовирање на своите геополитички ставови.

Овој историски настан никој не смее да го присвојува како свој успех, особено не оние кои прикриено се противеа на ваквиот чин.

Инаку, Лавров во интервјуто изјавува:

-ЕУ и НАТО се обидуваат да ги претворат Северна Македонија и Црна Гора во „инструменти“ на антируската игра, исто како што се обидоа тоа да го сторат со Украина и со голем број други источноевропски земји, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју за руската онлајн телевизија „Наше Кино“.

– Има впечатлива разлика меѓу тоа што Црногорците и Македонците го чувствуваат за Русија и она што го прават нивните политичари под принуда од Брисел, ЕУ, НАТО, оценува Лавров, додавајќи дека бил во Скопје и Охрид видел како „луѓето во Македонија се однесуваат кон нашата заедничка историја и религија“.