Белгискиот напаѓач Ромелу Лукаку пристигна во Милано во средата рано наутро за да ги помине медицинските прегледи и да се врати во Интер на позајмица, објави „Гаѕета дело Спорт“.

Advertisements

Ова се случува само една година откако беше продаден на Челси за 115 милиони евра.

– Многу сум среќен – само кратко изјави 29-годишниот напаѓач, кој позираше со шал на Интер пред новинарите на аеродромот.

Според најавите миланските „нераѕури“ треба да му платат на Челси осум милиони евра за една сезона како позајмица плус можни бонуси. Според новинарот Фабрицио Романо позајмицата ќе трае до јуни 2023 година.

Екс членот на Евертон и Манчестер јунајтед, кој стана идол за навивачите на Интер, се согласи да ја намали платата за повторно да го облече „сино-црниот“ дрес.

Со Интер успеа да ја освои титулата во Серија А во сезоната 2020/2021, а пред две години беше финалист во Лигата на Европа. Од 2019 до 2021 година за миланскиот клуб постигна 47 голови од 72 настапи. Со Челси лани беше светски клупски шампион, а минатата сезона играше во финалето на ФА Купот и Лига купот.

Прикажи повеќе