Европската унија ќе го одбележи Денот на Европа – 9 мај, што го слави мирот и единството на европскиот континент.

Како и минатата година, пандемичните мерки го сменија традиционалниот начин на одбележување на Денот на Европа во седиштето на ЕУ во Брисел.

Поранешната Отворена врата на институциите на ЕУ, кога граѓаните можеа да ги посетат сите места на политичко одлучување, кои обично ги гледаат само на вестите, оваа година ги замени виртуелните тури во Европската комисија, Европскиот парламент и Советот на ЕУ.

За време на „Европската недела“, со кулминација на 9 мај, беа организирани работилници преку интернет, разговори со претставници на ЕУ, интерактивни квизови и други активности за граѓаните со цел да се запознаат со политиките и системот на донесување одлуки во рамките на ЕУ, но и со цел подобро да ги запознаеме различните земји и региони што ја сочинуваат Унијата. Специфичноста на годинашното одбележување на Денот на Европа е организирање на првиот настан во рамките на Конференцијата за иднината на Европа.

Инаугуративната конференција, што треба да означи почеток на широка дебата за среднорочната и долгорочната иднина на ЕУ и реформите што треба да се преземат во нејзините политики и институции, ќе се одржи на 9 мај во ЕП, на која ќе учествуваат водечки претставници на ЕУ .

Намерата на Конференцијата е да ги вклучи граѓаните на ЕУ, особено младите, како и претставниците на институциите на ЕУ во дебатата во следните две години за насоката во која ќе се развива и движи ЕУ.

Постојат повици земјите-кандидати за членство во ЕУ да се вклучат во дебатата за визиите за иднината на заедничкиот дом.

Европската унија почна да го слави Денот на Европа во 1985 година, во знак на сеќавање на Декларацијата на Шуман од 1950 година, со која се предлага спојување на француската и западногерманската индустрија за јаглен и челик, што доведе до создавање на Европската заедница за јаглен и челик, прва Европска заедница, основана на 18 април 1951 година.

Одбележувањето на 9 мај како Ден на Европа се слави низ ЕУ од 2008 година, а од 2019 година, 9 мај стана официјален државен празник во Луксембург.