Речиси половина од светската популација е подложна на лоша прехрана, што штетно влијае на здравјето, но има и негативни последици за планетата на која живееме, се истакнува во годишниот извештај кој денес, со наслов Глобален извештај за исхраната е објавен врз основа на информации кои ги собрале организации како ОН, ФАО, СЗО и Уницеф.

Според податоците во извештајот, 48 отсто од луѓето во светот во овој момент консумираат премногу или премалку храна.

Ако продолжи актуелниот тренд, светот нема да успее да исполни осум од деветте прехранбени цели на Светската здравствена организација (СЗО) до 2025.

Ова особено се однесува на намалување на бројот на преслаби деца за својата висина, заостанувањето на децата во развојот (се однесува на децата кои се премали за својата возраст), како и на намалување на бројот на дебели лица.

Во извештајот е наведено дека речиси 150 милиони деца во светот, помлади од пет години, заостануваат во физичкиот развој, над 45 милиони се преслаби за својата возраст, а истовремено речиси 40 милиони во светот патат од прекумерна телесна тежина.

Извештајот открива дека во светот се дебели или патат од прекумерна телесна тежина над 40 отсто од мажите и жените, што е околу 2,2 милијарди луѓе.

„Бројот на смртни случаи поради лоша прехрана, кој можел да се избегне или спречи, од 2020 година пораснал за 15 отсто“ и денес сочинува „четвртина од сите смртни случаи на возрасни лица во светот“, кажа за Франс прес претседателката на групата независни експерти кои го подготвиле извештајот, Рената Мича.

„Глобалните резултати до кои дојдовме упатуваат на тоа дека во последните десет години начинот на исхрана на населението не се подобрил и денес претставува глобална закана за здравјето на луѓето и зачувувањето на планетата на која живееме“, додаде таа.

Според извештајот, луѓе не ги консумираат препорачаните количества намирници кои се здрави, како овошје и зеленчук.

Не изненадува дека земјите со низок доход бележат најмала потрошувачка на овие намирници.

Истовремено жителите на земјите со повисок доход консумираат најмногу храна која има штетен ефект врз здравјето, а станува збор за премногу црвено месо, млечни производи и засладени и газирани пијалаци. Во тие држави е евидентиран најголемиот број лица со прекумерна телесна тежина.

Во извештајот е пресметано дека глобалната побарувачка за храна во 2018 година произвела околу 35 отсто од емисиите на штетни гасови.

„Храната од животинско потекло генерално има поголем еколошки отпечаток по производ од храната со растително потекло“, се наведува во извештајот.

На крајот се наведува и податокот дека пандемијата на ковид-19, не само што глобално значително ги нарушила прехранбените и здравствените системи, туку во екстремна сиромаштија турнала дополнителни 155 милиони луѓе.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.