ДУИ го заостри речникот кон поранешниот децениски партнер во Владата, ВМРО-ДПМНЕ, по обвинувањата упатени кон вицепремиерот Артан Груби и други функционери на ДУИ поради сомневање за вмешаност во коруптивни афери. Во одговорот на ДУИ се наведува дека ВМРО-ДПМНЕ е криминална организација заверена со судска одлука.

„Злосторничката организација потврдена од суд, ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски се претвори во поттикнувач на антиалбански наратив во нашето општество и се натпреварува со Левица на Апасиев за расистички напади. ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски е единствената партија во државата на која судот ѝ го замрзна целиот имот поради потврдата дека се работи за криминална организација. Градоначалниците на општините од ова ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски потенцираат дека имаат инструкции од Мицкоски, познат како „врховен командант“, да не издаваат потврди за легализација на куќите на Албанци во нивните општини согласно закон и во никој случај да не ангажираат фирми на Албанци во нивните општини, како и да не издаваат градежни дозволи поради расистичка демографска политика“, велат од ДУИ.