Аманда Стејвли како нова директорка и косопственичка на Њукасл веќе отворено проговори за големите амбиции кои ќе ги има клубот уште во јануарскиот преоден рок, најави со кои само им остави простор на англиските таблоиди и весници да почнат да истражуваат и да ги „намирисаат“ вистински трансфер цели на новите газди.

Стејвли е жената која беше главна во преговорите на Саудијците и која му овозможи на милијардерскиот конзорциум да добие најголем дел од акциите на Њукасл (80 проценти), а како косопственичка која има 10 процени од акциите на клубот, во иднина ќе ја извршува директорската функција и засега се истакнува како највлијателно лице во новиот проект.

Првичниот план на Њукасл е да му врачи отказ на Стив Брус и да пронајде нов менаџер кој ќе го води тимот, сценарио кое го најави и самиот менаџер на „страчките“ веднаш по комплетирањето на продажбата, но после ова, на ред ќе дојде планирањето на првиот тим.

Угледниот „Мирор“ тврди дека очите на новите луѓе од Њукасл првично ќе бидат посебно насочени кон „Олд Трафорд“, каде има неколку играчи кои не се задоволни од својот статус во тимот на Оле Гунар Солскјер, а кои можат да бидат огромни засилувања за новиот проект.

Познатиот весник информира дека Њукасл планира да испрати понуди до четворица играчи на Јунајтед, односно до Дони Ван де Бек, Антони Марсијал, Џеси Лингард и Ерик Баји. „Мирор“ смета дека сите четворица имаат добри причини да си заминат од театарот на соништата, иако најмалку шанси за такво нешто има Лингард со кого „ѓаволите“ преговараат за нов договор.

Останатите тројца се во втор или трет план кај Солскјер, па се верува дека Њукасл ќе влезе со добри шанси за нивен ангажман уште во јануари.