Основното јавно обвинителство Скопје информира дека е известено за настанот и ги издава сите потребни наредби и насоки за идентификација на лицата кои учествувале во инцидентот во кој вчера беше повреден еден навивач на фудбалскиот клуб „Левски” од Софија.

Според првичните сознанија, како што се наведува во соопштението од ЈО, до настанот дошло додека навивачи на ФК „Левски” со две возила со бугарски регистарски ознаки се движеле во близина на трговскиот центар „Чаирчанка”, каде влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани.

-Бугарските навивачи ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти. При враќање во автомобилот, 29-годишен бугарски државјанин бил повреден со остар предмет во абдоменот. Кај него е констатирана тешка телесна повреда и е хоспитализиран. По извршена хируршка интервенција, тој е во стабилна состојба, се вели во соопштението.

Со цел, како што посочуваат од Обвинителството, утврдување на идентитетот на граѓаните кои учествувале во настанот и кои според првичните сознанија не биле дел од локална навивачка група, како и целосно расчистување на настанот, подигнати се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење. Освен тоа, обезбедени се видео записи од околните објекти и од камерите на системот „Безбеден град”, а се преземаат и други дејствија.

Што се однесува до останатите инциденти поврзани со навивачи на ФК „Левски“ во текот на вчерашниот ден, Обвинителството е известено дека се процесуирани прекршoчно.