На маргините на ол-стар викендот во Сан Франциско, грчкиот кошаркар Јанис Адетокумбо на американските новинари им откри дека повеќе ја сака европската кошарка од американската.

Адетокумбо уште еднаш ја спореди Евролигата со НБА и објасни дека Евролигата можеби не е поквалитетна, но е далеку поинтересна.

„Евролигата е неверојатна. Многу, многу талентирана. Веројатно две, три, можеби четири од најдобрите тимови во Евролигата припаѓаат на НБА. На пример, тимот за кој играше мојот брат, Панатинаикос, има девет играчи кои беа тука (во НБА). Уживам да ја гледам Евролигата повеќе отколку НБА, но нивото сè уште не е исто“, рече Јанис и продолжи.

„Најдобрите тимови во НБА: Денвер, Оклахома Сити, Бостон, би ги уништиле тимовите од Евролигата. Ако се игра според правилата на ФИБА, можеби европските тимови би имале шанса, но исто така, ако се игра според правилата на НБА, ниту еден тим од Европа нема да може да направи ништо“.

Поради моменталната доминација на Европејците и големиот број играчи од „Стариот континент“ на Ол-стар натпреварот, некои сметаат дека најдобриот формат за главниот натпревар би бил прилично едноставен, да игра Америка против остатокот од светот.

„Би го сакал тоа. Тоа би бил најинтересниот и најпривлечниот формат. Секогаш се натпреварувам, но тоа би ми дало дополнителна мотивација. Со Шеј, Јокиќ, Лука, Вемби, Таунс, Шенгун… Ќе заборавам некого. Би било забавно да играм против најдобрите од Америка”.

Асот на Милвоки Бакс беше прашан дали мисли дека НБА Ол-стар натпреварот може да се одржи во Европа или некаде надвор од САД?

„Тоа би било забавно. Во Велика Британија или во Париз. Можеби во Грција, зошто да не. Или во Кина“, рече Адетокумбо.

Текстот Јанис: На Ол-стар натпреварот треба да игра САД против „Остатокот од светот“ е превземен од МАКФАКС.