Денеска и утре во Софија  1 и 2 јуни ќе се одржи нова средба на Заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања.

Во интервјуто за Политиканти објавено на Рацин.мк, копретседателот на оваа комисија од македонска страна акладемик Драги Ѓоргиев уште еднаш нагласи дека преговорите на Северна Македонија со ЕУ не зависат од разговорите и од работата на заедничката комисија за историски и образовни прашања.

„Кога би било така, тогаш тоа не може да биде здрава ситуација. Доколку од идентитетот на Свети Климент или на Цар Самуил ќе зависи дали Македонија ќе биде членка на ЕУ би имале сериозен проблем и затоа историската дебата меѓу двете држави преку Комисијата мора да остане настрана од целокупниот друг процес за членство во ЕУ. Ако ЕУ дозволи историските прашања да бидат главен елемент за нашиот влез во унијата, тогаш изместени се целосно вредностите“, истакнува во интервјуто историчарот и академик Драги Ѓоргиев

Копретседателот на Заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања академик Драги Ѓоргиев е категоричен дека не е точно дека нашата историја ќе се пишува по диктат на Бугарската.

„Разговорите со бугарската страна се водат за некои прашања кои се спорни и за едните и другите во учебниците по историја, а не за тоа како треба да пишува македонската историографија. Никој на историчарите во Бугарија или во Македонија нема да им каже отсега натаму вие ќе пишувате вака или така за Цар Самуил или за Климент Охридски, или за Гоце Делчев. Академската слобода на историчарите никој нема да им ја загрози“, потенцира Ѓоргиев.

Ѓоргиев на прашањето дали работата на заедничката комисија може да заврши без договор вели дека постои можност и да се дојде до таква ситуација, но дека „разговорите ќе траат толку колку што е потребно додека не се постигне согласност за текстовите во учебниците и во Бугарија и во Северна македонија.

„Тие разговори треба да завршат до крај на преговорите за влез во ЕУ, но тоа не е задолжително за самата Комисија. Вакви слични комисии во светот постојат и тие работат по шест, седум децении… Германско-француската комисија сѐ уште работи, а словенечко-италијанската ја прекина работата после 8 години без постигната согласност“, посочи во интервјуто за Политиканти академик Ѓоргиев. Тоа е реалноста на тие мешовити историско-образовни комисии кои постојат меѓу повеќе земји членки во ЕУ, но тоа не им попречува на ниту еден начин овие држави да имаат пријателски односи.

Превземено од Рацин.мк