Еден од помладите македонски репрезентативци, Игор Ѓоргиев, со задоволство зборуваше за победата над Кувајт со 31-21, во првиот од четирите теста за македонската ракометна репрезентација во овој новогодишен, подготвителен период.

„Во целина и од самиот себе и од моите соиграчи сум презадоволен. Го покажавме она што го трениравме овие 4-5 дена. Ни помогнаа советите на селекторот на паузата, уфрливме во втора брзина во второ полувреме, нашата игра беше побрза и реализиравме чисти ситуации, а и голманите фатија доста топки. Сите ние младите се трудиме максимално да се наметнеме на овој систем на овој ритам на игра. Подготовките засега течат фантастично и се надевам ќе продолжиме така.“, истакна Ѓоргиев, кој беше стрелец на три гола.

Следниот тест меѓу Македонија и Кувајт е в среда, исто така во Маврово.