Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, даде ексклузивно интервју за Би-Би-Си, во кое истакна дека попрво би го пропуштил ловот на идните трофеи отколку некој да го натера да се вакцинира против корона вирусот. Тој рече дека не би сакал да се поврзува со движењето против вакцинација, но дека го поддржува правото на избор на поединецот.

„Да, тоа е цената што сум подготвен да ја платам“, рече тој на прашањето дали би ги жртвувал настапите на Ролан Гарос и Вимблдон за неговиот став за вакцинацијата.

Ѓоковиќ беше депортиран од Австралија пред почетокот на „Австралија опен“ со одлука на министерот Алекс Хок по драмата која траеше единаесет дена по неговото пристигнување во Мелбурн. Иако имаше потврда дека ја прележал короната, визата му беше укината со образложение дека неговиот изглед може да предизвика немир и да го поттикне движењето против вакцинација.

„Никогаш не сум бил против вакцинацијата, но отсекогаш сум ја поддржувал слободата да избирам што ставам во моето тело“, изјави тој за новинарот на Би-Би-Си. – Тоа ми е поважно од која било титула или што било друго. Се трудам да бидам во склад со моето тело колку што можам.

Тој додаде дека секогаш се грижел за своето здравје, исхрана и дека некои од овие работи (диета, сон) позитивно влијаеле на неговите способности како спортист.

Прикажи повеќе