Кога грее Сонце и истовремено врне дожд, велиме дека „мечка се жени“… Дали е ова поврзано со некоја бајка или басна? Зошто токму – мечка и женидба во оваа изрека кај Македонците?

Слични крилатици има и кај околните, но и многу други народи. Бугарите, исто велата мечка се жени. Хрватите велат – „монаси се женат“, Грците – „старица се мажи“, а на португалски е – „вдовица“. Натаму, во Ерменија „волците се женат“ (или кокошките), во арапскиот свет, „стаорците“, во Јапонија „лисиците се мажат“… Народот Зулу вели „мајмуните се женат“, во Јужна Африка имаат еквивалент за чакалите, а во Уганда – за леопардите.

По правило, овој израз се слуша насекаде ширум светот. Освен „бракот“ меѓу диви ѕверови, друг лик е – ѓаволот или некој друг напасник…

Природната, но несекојдневна појава на Сонце и дожд насекаде се поврзува со некаков необичен спој. Дождот е дожд, а Сонцето – негова спротивност. Значи, кога небото е ведро, на него не се очекуваат облаци. А, кога и двете се присутни, се обликува врска којашто, некако, за луѓето нема смисла. Тоа било необично и во древноста, па нашите предци ќе речеле дека тука, на пр., некои натприродни, „демонски“ сили „ги замешале своите прсти“. А, свадбата е симбол на поврзување.

Мечката е посебна за нас на Балканот, а особено во словенскиот свет. Таа, на пр., е присутна и во рускиот фолклор, но не само таму. И таа е ѕвер, но потсетува на човек… Повеќето други ѕверови од овие крилатици, не можат да стојат на задните нозе… Значи, кога животното треба да личи на човекот, мечката е, некако, многу блиска асоцијација.

Мечката е логичен избор, но нагласката тука, сепак, е на свадбата како необичен спој. Нетипичното спојување на дожд и Сонце во човековиот ум од дамнешни времиња води до некарактеристични, необични „свадбени алузии“.