Големото дерби на македонскиот ракомет меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар максимално ги оправда очекувањата, завршувајќи со нерешени 27-27, исход за кој можат да жалат и двата тима. „Вардарци“ бидејќи водеа речиси до самиот крај, а „пелистерци“ затоа што имаа „плус еден“ и напад на триесетина секунди до крајот, но со почетничка грешка ја загубија топката и му овозможија на Дибиров од пенал да донесе голем бод за „црвено-црните“.

Обрадовиќ го отвори мечот со гол за водство на Еурофарм Пелистер, но Гаџа одговори со два погодоци на спротивната страна и прва предност за „вардарци“ (1-2). Двата тима се менуваа во водство, а голманите не беа премногу расположени во почетните десет минути, па со погодокот на Граџан Еурофарм Пелистер во 12. минута израмни на 6-6 на големото дерби.

„Црвено-црните“ беа нешто посконцентрирани во нападот, па во 15. минута преку Тото поведоа со 7-9, негатива при која домашниот тренер Жељко Бабиќ веднаш побара тајмаут. При резултат 9-10 Бабиќ го уфрли и Кизиќ на голманската позиција на местото на индиспонираниот Секељи (една одбрана за 17 минути игра), но Талески набрзина даде два гола против својот поранешен соиграч, за најубедливи „плус три“ за Вардар (9-12). Гостите од Скопје продолжија да доминираат, имаа и уште поубедливи 10-14 додека битолчани се мачеа да најдат одговор за Гаџа, Талески и за Тото. Шоуто на „вардарци“ продолжи, па по украдената топка од Дибиров и голот од контранапад на Гаџа гостите поведоа со 12-17, принудувајќи го Бабиќ и на втор тајмаут, по што на одмор се замина со убедливи 13-17 за „црвено-црните“ од Скопје.

Битолчани мотивирано влегоа во вториот дел, набрзина намалија на 15-17, но откако промашија напад за „минус еден“ Вардар набрзина се консолидираше, по што избраниците на Недановски рутински ја одржуваа предноста од четири гола (17-21 во 40. минута). Борко Ристовски блескаше кога беше значајно, му одбрани шут од крило на Маџовски, но Вардар не искористи напад за „плус пет“, по што Еурофарм повторно се приближи на два гола разлика (20-22).

Во последните десет минути се влезе со резултат 22-25, резултат при кој Периќ не реализираше пенал за Еурофарм Пелистер. „Пелистерци“ заиграа далеку подобро во одбраната, Вардар четири минути не постигна гол, па домаќините преку Периќ намалија на само еден гол негатива (24-25). И повторно кога беше најважно за Вардар блесна Анте Гаџа, кој го постигна и осмиот гол за водство од 24-26. Стоилов заработи исклучување, Еурофарм намали на 25-26, за потоа по комплетирањето на гостите Граџан да реализира за израмнување на 26-26 и еуфорија меѓу домашните навивачи во салата „Боро Чурлевски“.

Талески и Тото не реализираа, Периќ на спротивната страна изнуди пенал, по кој Мандалиниќ од седум метри донесе водство на Еурофарм Пелистер од 27-26. Вардар тргна во клучниот напад со „седум на шест“, но гостите направија почетничка грешка и ја загубија топката со пасивен напад. И кога победата требаше да биде рутина, „пелистерци“ почетнички ја загубија топката, а Вардар доби последна шанса за израмнување, згора на тоа со играч повеќе по исклучувањето на Маџовски. Гаџа тргна моќно и изнуди пенал, по што Дибиров стрелаше прецизно за реми од 27-27 и многу значаен бод во трката за титулата.