Паралелно со возбудувањата кои со себе ги носи плеј-офот, значајни ќе бидат и оние шест кола во плеј-аут лигата. Низ тие шест чекори ќе стане јасно кои две од четирите екипи ќе бидат дел од прволигашката конкуренција и во наредната натпреварувачка сезона.
Јасно е дека со најголеми шанси во доигрувањето влегува екипата на Чаир 2030. Новакот во ова друштво има голема предност во онаа мини-табела. Односно дури четири победи во однос на нивниот противник во првото коло од втората фаза, Струмица 2022. И со евентуална победа во недела навечер од 18:00 часот во салата „Шабан Трстена“, ќе бидат недостижни за составот од Струмица (има само една победа во ова друштво на почетокот од Плеј-аут лигата).
Ден порано, во исто време (18:00 часот), Навико Академија ФМП ќе го пречека тимот на Куманово 2009. „Лавовите“ од Кисела Вода ја имаат својата прва меч-топка која ги води кон безбедната зона.
Во пресрет на дуеот во „Независна Македонија“, имаат две победи повеќе (4-2) во однос на екипата од Куманово (скор 2-4). И со евентуална победа, ќе побегнат на скоро недостижна предност која гостите треба да ја стигнат во оние пет преостанати натпревари.
Од друга страна за кумановци овој меч е од оние „да се биде или не“ во кој се пред императив на успех, ситуација која ги прави овие 40 минути и повеќе од интересни за следење./Gol.mk/