Легендарниот Чави Ернандез, бившиот капитен на Барселона со 767 меча во дресот на каталонската гордост утре се очекува да дојде од Катар во Барселона и викендов да биде официјално промовиран, откако сите детали за враќањето на легендата на „Камп Ноу“ се веќе познати.

Како што објави каталонски „Спорт“, Барселона за Чави предвреме да го раскине договорот со катарски Ал Сад ќе им плати на Катарците пет милиони евра и во Виго викендов, новиот кормилар на Барса ќе го гледа својот тим, но нема да го води од клупата зашто дебито ќе му биде на 20 ноември, т.е. после репрезентативната пауза која следи од понеделник, во градската пресметка со Еспањол.

Чави уште од лани беше на мета на Барса за клупата, но тогаш реши да остане во Катар, а Роналд Куман дојде на клупата и Холанѓанецот неодамна доби отказ, па сега привремено Каталонците ги води Серхи Бархуан. Чави во Барса мина 24 години, ја мина прво славната „Ла Масија“, па стана фудбалер со најмногу настапи во историјата на каталонскиот гигант.

Во 2015 година си замина од Барса и дојде во Ал Сад прво како фудбалер, а потоа стана тренер на овој клуб.