Сагата околу доаѓањето на Чави Ернандез на клупата на Барселона се ближи кон својот крај, откако шпанските медиуми објавија дека конечно е најден јазик со неговиот сегашен клуб Ал Сад во делот на отштетата што треба да се исплати.

Проблем за потписот беше сумата што ја бараа Катарците во износ од пет милиони евра, која беше превисока за Каталонците, но решението е најдено во тоа што половина од овие пари ќе ги плати самиот стратег односно 2,5 милиони евра ќе излезат од неговиот џеб.

„На Чави овие пари ќе му бидат вратени низ разни бонуси и клаузули кои ги има со Катар, како еден од амбасадорите на Светското првенство в година во оваа земја. Клубот на поделбата на отштетата се решил поради финансискиот фер-плеј, но на крајот никој нема да биде оштетен“, пишува Ел Мундо Депортиво.

Поранешната играчка легенда ќе го замени Роналд Куман, кој по серијата лоши резултати доби отказ. Чави во дресот на Барселона собра 767 настапи со 85 постигнати голови.