Цените на нафтата продолжија да растат денеска бидејќи забраната на САД за увоз на руска енергија и планот на Велика Британија постепено да го укине тој увоз од Русија до крајот на годината, ја зголемија загриженоста дека глобалната понуда ќе биде значително помала.

Европската нафта Брент за испорака во следните месеци (фјучерс договори) поскапе за 2,17 долари или 1,7 отсто, на 130,15 долари за барел на вечерашното тргување во Азија, по скок од 3,9 отсто претходниот ден, пренесува Ројтерс.

Американската сурова нафта WTI зајакна за 1,57 долари, или 1,3 отсто, на 125,27 долари за барел, продолжувајќи го својот раст од вторникот кога порасна за 3,6 отсто.

Вчера американскиот претседател Џо Бајден воведе итна забрана за увоз на руска нафта и други енергетски извори, а Британија најави дека постепено ќе го укине увозот на „црното злато“ од Русија до крајот на 2022 година.

Цените на нафтата се зголемија за повеќе од 30 отсто откако Русија, вториот по големина светски извозник на тие суровини, започна напад врз Украина. Стравот од натамошни прекини во снабдувањето со нафта поради ескалацијата на санкциите против Москва ги поттикна купувањата, велат аналитичарите.