Македонскиот ракометен шампион Вардар не разочара. Црвено-црните беа рамноправен противник во најголемиот дел од мечот против Кил , но на крајот загубија со 32-30.

Вардар го врза и шестиот пораз по ред во Лигата на шампионите, но момците на Веселин Вујовиќ овојпат се прикажаа до добро светло и покрај поразот. Кил победи со два разлика, а Вардар може да жали бидејќи во финишот од мечот промаши неколку зицери со кои можеше да избегне пораз.

На почетокот од мечот се играше гол за гол, Вардар поведуваше, Кил изедначуваше. Така беше до 5-5 кога Кил почна една серија и поведе со 9-5. Имаа и највисоки 11-6 во првото полувреме, но Вардарци успеаа да се вратат и да изедначат на 13-13. На одморот се замина со водство на германскиот тим од 18-16.

Во вториот дел слична слика, на почетокот се играше рамноправно, па Кил се одлепи на највисоки плус седум 26-19. Како одминуваше времето Вардар беше се подобар и подобар, го намалуваше водството, имаше и шанси да избегне пораз, но не успеа, конечниот резултат беше 32-30 за Кил.

Анте Кудуз имаше неверојатен меч постигнувајќи девет гола од девет обиди, втор стрелец беше Тото кој постигна пет гола. Томовски имаше 12 одбрани. Ландин 11 пати ја одбрани топката, а најдобар стрелец во составот на Кил беше Сагосен со осум голови.

Следен меч на Вардар е во среда на гостински терен кај ППД Загреб.