Работник од зоолошка градина во американската сојузна држава Флорида бил итно хоспитализиран поради сериозни повреди со кои се здобил кога влегол во недозволен простор во делот каде што престојувал тигар.

Инцидентот се случил вчера, а по пријава на случајот градината била затворена, соопшти локалниот шериф.

Припадник на тимот за чистење, кој работел во ходникот и во помошните простории, но не смеел да ги чисти  и кафезите со животни, влегол во „забранетата зона“ каде што бил тигарот, велат од кабинетот на шерифот.

Станува збор за маж на возраст од дваесет години кој веројатно почнал да го храни или да го милува малајскиот тигар, што се „нелегални и опасни активности“, велат властите.

„Првичните извештаи покажуваат дека тигарот го зграпчил човекот за раката и го вовлекол во живеалиштето откако работникот ја поминал првичната бариера од оградата и ја протнал раката низ решетките“, соопшти канцеларијата.

Веднаш била повикана полиција, која го затекнала тигарот како ја гризе раката на работникот. Откако не успеале да го ослободат човекот, полицијата морала смртно да го застрела животното.

Извор: ABC-News