Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), заедно со УЕФА и ФИФА денеска во Скопје го почнаа најавениот процес на разгледување и ревизија на Статутот на ФФМ согласно стратешкиот план на федерацијата и праксата на добро раководење.

Работни групи во кои се вклучени претставници на ФФМ, УЕФА и ФИФА веќе работат на драфт верзија на Статутот на федерацијата базиран на законските прописи и регулативите на ФИФА и УЕФА.

Како што соопшти ФФМ, според претставниците на УЕФА и ФИФА, целта е да се дојде до решение кое ќе овозможи „посилен Статут – подобра организација“, а силна појдовна основа е актуелниот Статут на ФФМ, исто така базиран на законските прописи и регулативите на ФИФА и УЕФА.

– Согласно стратешкиот план на ФФМ, еден од носечките столбови, добро раководење го предвидува проектот за ревидирање на Стаутот и понатамошните активности во однос на реформи во регулативите на Фудбалската федерација на Македонија. Како што и планиравме, веднаш по завршување на квалификациските натпревари, заедно со нашите партнери ФИФА и УЕФА го започнавме процесот на ревизија на Статутот со однапред утврдени работни групи. Многу сме задоволни од овој работен состанок затоа што е дел од основниот столб, доброто раководење и од овој процес ќе произлезат голем дел на иницијативи и активности кои ќе се имплементираат согласно утврдената динамика. Остануваме посветени на поставените активности и однапред утврдените цели“, изјави генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.