Томас Бах, претседател на Меѓународниот олимписки комитет, го сподели своето мислење за идејата за одржување на Светското фудбалско првенство на секои две години.

-Никој од оние со кои разговарав, не виде документи со јасен проект. На сите им е очигледно дека тоа ќе има многу сериозно влијание врз севкупниот натпреварувачки календар за сите спортови. Видовме активни играчи кои велат дека Светското првенство на секои две години е прекумерно и ќе претставува закана за нивното здравје и благосостојба. Слушаме само еден аргумент од оние кои ја поддржуваат оваа идеја: пари, го цитира Бах „AIPS Media“.

Претседателот на МОК е убеден дека ФИФА греши, верувајќи дека ќе заработи двојно повеќе на Мундијалот.

-Предлагачите на овој план прават грешка ако мислат дека одржувањето на Светското првенство на секои две години ќе и донесе на ФИФА двојно повеќе пари. Ова нема да се случи, додаде Бах.

Претходно беше објавено дека водечките лиги може да загубат осум милијарди евра доколку Светското првенство се одржува на секои две години.

Идејата за нов формат на Светското првенство ја предложи претседателот на ФИФА, Џани Инфантино. Конечната одлука треба да биде донесена до крајот на 2021 година.