Гневот на Русија поради најавата за влез на Финска во НАТО има стратешки причини. Тоа не значи дека со ова се оправдуваат постапките на Владимир Путин, кој ги радикализира односите со неутралните држави во неговото соседство со агресија врз Украина, туку ја откриваат бруталната политика на рускиот претседател како уште пофатална за долгорочните интереси на Руска Федерација.

Ова го посочува финскиот консултант, експерт за комуникација и маркетинг експерт Томи Ахонен, кој на својот профил на Твитер претстави анализа, зошто Москва толку се плаши од членството на Финска во НАТО. Одговорот, според него, лежи во полуостровот Кола на крајниот северозапад на Русија, кој е речиси целосно во рамките на Арктичкиот круг.

„Западниот кварт на полуостровот Кола е едно од местата со најмногу нуклеарно оружје на квадратен простор на планетата: руската арктичка флота во пристаништето Мурманск има свои бази на нуклеарни мразокршачи, но има и бројни бази на нуклеарни подморници вооружени со интерконтинентални боеви глави што буквално може да стигнат до другата страна. Покрај тоа, на полуостровот има густа мрежа на воздушни бази на руската армија, со стратешки нуклеарни бомбардери со долг дострел како што се Тупољев Ту 160, Ту 122N и Tу 95“, пишува „Слободна Далмација“.

Полуостровот има и разни други воени средства и масовно стационирана армија која го чува огромното минерално богатство на полуостровот, од рудници за никел и бакар до хидроелектрични централи и рибарската индустрија.

Проблемот на Русија е во слабата поврзаност на целата оваа исклучително важна област со остатокот од земјата: целиот полуостров Кола е поврзан со копното само со еден пат и една железница. Од Мурманск до делницата над Санкт Петербург има пат долг 700 километри кој во сегашните геополитички околности е прилично безбеден. Силите на НАТО потенцијално би можеле да го загрозат само од север, од Норвешка, но таа почетна позиција не е сигурна поради помалку од 30 километри ширина на влезната граница.

Русија наводно одамна поставила две дивизии од својата копнена војска за да го чува северното крило.

Со влезот на Финска во НАТО, безбедносната рамнотежа на рускиот полуостров Кола се урива, а целата оваа територија долж финската граница станува територија која практично е невозможно да се одбрани. Така, силите на Северноатлантската алијанса од Финска можат да го минат рускиот пат кон Мурманск на најмалку сто места, па би било многу тешко да се обезбеди дури и со повеќе од милион војници.

НАТО притоа, воопшто не треба да ги користи своите големи сили: мала диверзантска тактичка група во оваа екстремно пошумена област би можела рутински да ја пресече железницата, патиштата, комуникациите и електричната инфраструктура и да исчезне без трага меѓу боровите, а најголемите воени и нуклеарни потенцијали на Русија би можеле да бидат логистички отсечени од останатиот дел од земјата.