Острите финансиски санкции на Западот против Москва го даваат првиот ефект. Руската национална валута падна на рекордно ниво. Имено, рубљата загуби околу 40 отсто од својата вредност од крајот на октомври, кога Русија почна да мобилизира војници на границата со Украина.

Дополнителни удари се очекуваат со најновите санкции што Европската унија ги воведе кон Руската централна банка. Новите мерки предвидуваат замрзнување на сите средства на руската централна банка во ЕУ и земјите од групата на седум најразвиени земји во светот. Оваа мерка се смета за сериозна, како и исклучувањето на некои руски банки од банкарската мрежа SWIFT.

„Со овие мерки половина од резервите на Централната банка на Русија ќе бидат блокирани“, рече Јозеф Борел, Висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Резервите на Русија овој месец достигнаа повеќе од 600 милијарди долари. Руската централна банка од друга страна без да ја задржи вредноста на рубљата, ја зголеми основната каматна стапка на 20% од 9,5% досега. Исто така, им нареди на Русите да разменат 80% од девизната заработка во рубли. Според руските власти, оваа мерка ќе доведе до стабилизација на рубљата и ќе поттикне повеќе инвестиции во Русија отколку во странство.

„Руската економија се соочува со драстични промени. Санкциите наметнати од странски земји ја девалвираат рубљата и ја ограничија способноста на Руската банка да користи девизи. Руската банка минатиот четврток и петок изврши девизна интервенција вредна повеќе милијарди долари. Владата одлучи да ги обврзе компаниите да разменат 80 отсто од приходите од извозот“, рече Елвира Набиулина, гувернер на руската централна банка.

Но, покачувањето на каматата ќе му наштети на џебот на граѓаните. Русите треба да плаќаат повисоки рати на заемите и за другите банкарски услуги. Дополнителна последица може да предизвика и инфлацијата. Според експертите, санкциите сериозно ѝ нанесуваат штета на руската економија.

„Русија полека останува без пари затоа Централната банка се обидува да го задржи капиталот во Русија со драматично зголемување на каматните стапки. Но, никој нема да ги задржи парите, а ако биде исклучена од системот SWIFT, Русија нема да има пристап до странски валути. Тогаш Путин ќе остане без буџетот предвиден за војна. Сега сме сведоци дека некои банки банкротираат бидејќи немаат пристап до средства, а банка без ликвидност е како љубител на бифтек без бифтек“, рече Роберт Халвер, експерт во Баадер банка.

ЕУ планира да воведе дополнителни санкции за рускиот сојузник, Белорусија. Меѓутоа, во изненадувачки потег, швајцарскиот претседател рече дека е многу веројатно и неговата влада да одлучи да ги замрзне руските пари, иако претходно изјави дека државата ќе остане неутрална во конфликтот.

Семра Мусаи