Министерот за здравство Венко Филипче смета дека нема потреба од воведување мерки во пресрет на новиот бран на ковид-19 во Македонија. Комисијата за заразни болести ќе одржи состанок во петок.

На состанокот ќе бидат слушнати предлозите и согледувањата по последните анализи на КОВИД-состојбата во земјата, но Филипче лично смета дека нови рестриктивни мерки не се потребни, доволно е да се почитуваат протоколите и да се зголеми процентот на вакцинација.

Министерот информираше и дека денеска е испратено писмо до сите матични лекари да ги повикаат своите невакцинирани пациенти.

Во петок ќе има состанок согласно новите анализи. Во однос на мерките, ќе ги слушнеме предлозите и согледувањата. Јас сметам дека терба да продолжат превентивните мерки и да се зголеми процентот на вакцинација. Денеска испративме писмо до сите матични лекари да ги повикаат своите невакцинирани пациенти, рече Филипче, одговорајќи на новинарски прашања.

Тој повтори дека еден од главните критериуми за воведување нови мерки ќе биде ризикот во болничките капацитети кој засега не е евидентиран.

Клучен е опфатот на вакцинацијата. Тоа и почитувањето на превентивните мерки и протколи, се излезот од кризата, повтори Филипче.

Филипче на прес-конференцијата соопшти дека за 25 проценти е зголемен бројот на КОВИД-случаите, а расте, како што рече, и факторот на преносливост што е јасен индикатор дека ќе има промена на релативно стабилната епидемиолошка ситуација. Се зголемува и бројот на хоспитализирани пациенти, но добро е, истакна, што нема голем притисок врз болниците. Според Филипче, во вакцинацијата има стагнација. Граѓаните мора да се свесни дека тоа е единствениот начин за излез од кризата.

Досега се аплицирани над 1,6 милиони дози вакцини против КОВИД, а нема ризик ако вакцините за КОВИД и за грип се примат во исто време, подвлече министерот. Тој уште еднаш апелира да се почитуваат протоколите, да се држи дистанца и да се носи маска. Почнува сезоната на слави, а секаков собир е ризик и затоа треба многу да се внимава.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.