Епилог од втората рунда преговори Украина-Русија, хуманитарен коридор. Но, што значи тоа? Преговарачот на украинската страна Михаило Подољак, истовремено и советник на претседателот Зеленски, рече дека овој коридор значи евакуација на цивили, доставување храна и медицинска помош.

„Двете страни постигнаа договор за хуманитарен коридор и евакуација на цивили, снабдување со лекови и храна за местата кои се најмногу изложени на борби, сè додека е тоа можно. Ја истакнав можноста за прекин на огнот во периодот на евакуација на цивилите“, изјави Михаило Подољак, советник на претседателот на Украина.

Но, украинскиот претседател Володимир Зеленкси на прес-конференција го изрази својот скептицизам во врска со договорот. Тој рече дека во текот на денот ќе се види дали Русија ќе го почитува таквиот договор.

„Се договоривме за хуманитарен коридор, но да видиме дали тоа ќе се почитува од руска страна“, нагласи Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Шефот на рускиот преговарачки тим изјави дека Русија ќе го почитува, додавајќи дека при евакуацијата на цивилите, страните ќе го почитуваат прекинот на огнот.

„Главното прашање за кое разговаравме денеска беше зачувувањето на животите на луѓето кои се наоѓаат во областите на воен конфликт. Двете министерства за одбрана се договорија да ги почитуваат хуманитарните коридори и да го спроведат можниот прекин на огнот до евакуација на цивилите во овие коридори“, рече Владимир Медински, претседател на преговарачката група за Русија.

Првиот договор меѓу Украина и Русија ги обврза страните да спроведуваат период на евакуација од воените зони најмалку 4 часа на ден. Не е јасно колку дена ќе важи овој договор, но некои коментатори сметаат дека ситуацијата Русија би можела да ја користи за да ја ескалира агресијата во областите кои тврди дека ги контролира. Во наредните денови се очекува нова средба на преговарачките групи, а украинскиот претседател го повика Путин лично да се сретнат.

Адриан Керими