Втората рунда преговори Киев-Москва најверојатно ќе се одржи уште утре, пишуваат украинските медиуми. Повикувајќи се на дипломатски извори, тие пренесуваат дека руската делегација на маса ги поставила трите услова што ги откри рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор со колегата Емануел Макрон. Односно, дека Русија настојува на неутрален статус на Украина, нејзина демилитаризација и денацификација, како и признавање на руската сувереност над полуостровот Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година.

Но, овие руски барања според украинските медиуми се оценети како крајни позиции за кои ќе се преговара бидејќи е јасно дека не можат да се остварат во целост.

Имено барањето на Русија која настојува неутралниот статус на земјата да биде потврден во украинското Собрание, со што ќе се гарантира дека Украина нема да пристапи во НАТО, се коси со украинскиот Устав, каде е нагласена заложбата за евроатлантска интеграција. Оваа уставна измена Киев ја изгласа по руското анектирање на Крим, но и бунтот кој го покренаа про-руските сепаратисти во регионот Донбас.

Покрај Крим, Донбас е најголемиот украински регион во кој живее население што зборува на руски јазик. Овој административен регион е сочинет од двете области Доњецк и Луганск, кои пред само осум дена Путин ги прогласи за независни народни републики.

Според Москва, во овие региони се вршела асимилација на жителите, па оттаму едно од руските барања е денацификација на Украина, што би подразбирало и промена на прозападната власт во Киев. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров од Обединетите нации, зборувајќи за барањата на Москва и преговорите, кажа дека Зеленски поддржувал закони со кои ја ограничувал употребата на рускиот јазик, со што јасно им порачал на Русите во Украина дека за нив во земјата немало место. Според Лавров тоа било во духот на законодавството на нацистичка Германија.

„Украинскиот режим сите овие години спроведува курс на агресивна дерусификација и присилна асимилација. На луѓето кои се сметаат себеси за Руси и би сакале да го зачуваат својот идентитет, јазик, култура, директно им се дава знаење дека тие се странци во Украина“, рече Лавров.

Што на првата рунда прегвоори побарала Украина не е кажано, но од Кабинетот на Зеленски сооштија дека услов за продолжување на преговорите е прекин на огнот и повлекување на руските трупи. Додека траеја преговорите, Киев се најде под засилен руски напад што го осуди украинскиот претседател Зеленски кој наведе дека под вакви услови е тешко да се дојде до решение.

Лука Андреев