
Украина уште еднаш ја покажа својата доминација во Златна европска лига, победувајќи ја Македонија со 3:0 (25:18, 26:24, 25:23) за со совршени шест победи да ја комплетира групната фаза на натпреварувањето. Македонија, пак, го завршува својот прв настап во елитната лига со две победи (на домашните мечеви со Хрватска и Белгија) и четири порази.
Почетокот на мечот им припадна на македонските одбојкари, кои поведоа со 6:3, пред Украина да се врати и да направи пресврт за 11:9 водство, кое потоа го крунисаа со убедливи 25:18 за 1:0 во сетови. Вториот сет беше уште поизрамнет, за од 22:22, Македонија да успее да спаси една сет топка, но на крајот да загуби со 26:24. Во последниот сет, Украина направи голема преднос од 15:10, пред повторно да се вратиме за 23:24, но Семнјук го комплетираше мечот за голема победа.
Никола Ѓорѓиев со 15 поени беше најефикаесн за Македонија, додека за Украина, Плотницки уфрли исто толку поени. /Makfax