Руските сили продолжија да напаѓаат некои региони на Украина, гаѓајќи и воени и цивилни цели, врз основа на податоците од Генералштабот на украинската армија. Беа бомбардирани региони во Киев, Чернихив и Харков.

„Одбранбените сили продолжуваат со одбранбената операција во сите насоки. Непријателот не успеа во ниту еден од нив. Непријателските воздушни сили продолжуваат да бидат активни, гаѓајќи од воздух главно воена и цивилна инфраструктура во регионите на Киев, Чернихив и Харков. Но, нашите сили одговорија на овие напади со противвоздушни ракети. Погодивме 11 непријателски воздушни цели, седум авиони, беспилотно летало, хеликоптер и две крстосувачки ракети“, рече Олександр Шпутун, Портпарол на вооружените сили на Украина.

Украинската морнарица пак, соопшти дека потопила руски брод во Азовското Море во близина на пристанишниот град Бердјанск. Беа објавени и фотографии и видеа со пожар и чад на пристаништето.

Но, од друга страна, руското Министерство за одбрана, тврди дека целосно ја презеле контролата врз градот Изум, каде последните денови имаше жестоки борби.

„До утрото на 24 март, единиците на руската армија презедоа целосна контрола врз градот Изум во областа Харков. Ноќта на 23 март и ноќта на 24 март, воените објекти на украинските вооружени сили беа погодени со висока сила, со поморско и воздушно-прецизно оружје со долг дострел“, рече Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.

Русија сепак призна дека кампањата во Украина не оди според прогнозите на Кремљ, но не дава податоци за загубите во своите редови. Последните податоци беа објавени на 2 март кога Москва објави дека загинале околу 500 нејзини војници. Но, од НАТО тврдат дека бројот е меѓу 7.000 и 15.000 руски војници.

Исуф Кадриу