Неколку банки и финансиски институции се борат за водечка улога во пандемискиот фонд на УЕФА во вредност од седум милијарди евра. Потенцијалните заемодаватели поднесуваат предлози за финансирање на европски клубови, вклучувајќи ги „Голдман Сакс“ и Мекваер Груп“, како и инвестицискиот фонд „Аполо“.

„УниКредит банка“, исто така, се обиде да биде дел од фондот, но УЕФА не ја стави во потесен избор, пренесе „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на неименувани извори запознаени со процесот на селекција на кандидати. Според истите извори, американската банка „Сити“, исто така, е заинтересирана за финансирање фудбалски клубови, но не е јасно дали ја поднела апликацијата навреме.

Парите од фондот ќе бидат распределени на врвните тимови кои учествуваат на натпревари под покровителство на УЕФА. Европската куќа на фудбалот планира да ги собере почетните две милијарди евра и на крајот да го прошири фондот на седум милијарди, а парите ќе ги обезбедат банките и финансиските институции. Според банкарите, финансирањето би било „многу евтино“ за клубовите, со каматна стапка до два проценти.

Според „Њујорк тајмс“, УЕФА со месеци преговара со банките и приватните компании за создавање фонд. Прво треба да им биде достапна помош на клубовите кои се квалификуваат за Лигата на шампионите, Лига Европа и новата конференциска лига. УЕФА одби официјално да ги коментира плановите за основање на фондот.

Европската фудбалска централа сака средствата да им ги стави на располагање на што е можно повеќе клубови кои учествуваат во нејзините натпреварувања. Основањето на фондот покажува дека спортските лиги и сопствениците на клубовите се повеќе се свртуваат кон финансиските групи за да го одржат својот бизнис, наместо кон сопствените независни извори на приходи, како што беше практика во последните децении.

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, неодамна предупреди дека европскиот фудбал се соочува со „нова финансиска реалност“, откако пандемијата го запре годишниот раст. Фондот, исто така, покажува дека сопствениците и организаторите на натпревари бараат подобри услови за кредитирање и финансирање отколку што клубовите поединечно можат да постигнат.

Финансиите на европските клубови беа уништени од пандемијата, бидејќи беа принудени да ги затворат трибините за навивачите или да играат пред ограничен број посетители, а според пресметките на УЕФА, тоа доведе до вкупна загуба од околу девет милијарди евра. Поради огромните долгови и падот на приходите, Барселона не можеше да го задржи својот најдобар играч Лионел Меси. Каталонскиот клуб должи околу 1,3 милијарди евра, и очекува дека загубата оваа година ќе достигне околу 490 милиони евра.

Англиската Премиер лига, најбогатото национално фудбалско натпреварување, го претрпе првиот пад на приходите од основањето во 1992 година во последната година и половина. Според податоците на УЕФА, најитна обврска на клубовите е да подмират десетици милиони евра долгови за тргување со играчи. Овие обврски се витален извор на приход за малите и средни клубови чие постоење е загрозено поради неплатени долгови. (МИА)