Во Челзи гласно одекнаа коментарите на напаѓачот Ромелу Лукаку, кој вчера изјави оти е незадоволен од состојбата во клубот и јавно ја критикуваше тактиката на тренерот Томас Тухел.

– Не сум секогаш задоволен од формацијата и начинот како играме, но тука е нашиот тренер Тухел да ги носи тие одлуки. Физички сум целосно подготвен и добро се чувствувам. Нема да се откажам, бидејќи сум професионалец и морам да ја вршам работата што ми е зададена, изјави Лукаку, кој пред шест месеци дојде во Челзи од Интер.

Тухел денеска на прес-конференција истакна оти е изненаден од критиките на Лукаку.

– Секако дека тоа не ми се допаѓа. Носи бучава, која не ни е потребна и не ни е од помош. Мораме да ги увидиме работите такви какви што се, со цел да не се рефлектира неговото однесување на тренинзите, изјави Тухел на конференцијата за новинари пред неделниот натпревар против Ливерпул.