Лидерот на бугарската партија Има таков народ, Слави Трифонов, кој е дел од владината коалиција, го нападна премиерот Кирил Петков дека се обидува да го заобиколи коалицискиот договор и да го трне ветото за Северна Македонија, со цел почеток на преговорите до крајот на јуни годинава.

„Пред да се формира оваа влада, четворицата партнери преговараа и потпишаа коалициски договор. Во него, во делот за надворешна политика, сите се согласивме дека Бугарија ја задржува сегашната позиција во однос на Северна Македонија. Тоа значи дека почеток на преговорите на Северна Македонија за нејзино членство во ЕУ ќе има дури кога ќе почне да го спроведува договорот од 2017 година. За жал, премиерот Кирил Петков постојано се обидува да го заобиколи овој договор и без никакви гаранции да го отфрли ветото што го стави Бугарија. Тој сака да започнат преговори до крајот на јуни без никакви гаранции за почитување на правата на Бугарите во оваа земја. Потенцирам дека тоа го прави без да ги координира своите изјави и постапки не само со дипломатите од МНР туку и без координација со коалициските партнери, а уште помалку со Народното собрание. Бугарија е парламентарна република и бугарскиот парламент има јасен и недвосмислен став по оваа тема. Ставот го потврдија сите пратенички групи на последниот Советодавниот совет за национална безбедност.“, напиша Трифонов во објава на Фејсбук.

Тој понатаму додава дека дипломатите од МНР, но и луѓето од „Има таков народ“ биле многу изненадени кога странските дипломати изразиле чудење што коалициските партнери не знаат што точно ветил премиерот Кирил Петков, со оглед на тоа што има уште три формации во владејачката коалиција. Дури оваа недела, пишува Трифонов, странските дипломати сфатија дека во коалицијата нема единствено решение за ова прашање.

„Ние од Има таков народ, и јас како граѓанин на Бугарија веруваме дека има работи со кои не се тргува. Националната чест и достоинство не се на продажба. Правата на Бугарите во Северна Македонија – исто така. Историјата и вистината не се на продажба. Јас така мислам. Се надевам дека и вие така мислите. Ние сме Бугари. Затоа ние од Има таков народ нема да се согласиме со безусловно и некаде на друго место договорено укинувањето на ветото за Северна Македонија“, вели Трифонов./Makfax

Прикажи повеќе