Бројот на позитивни и на хоспитализирани кои се невакцинирани, како и бројот на смртни случаи кај лицата кои не примиле вакцина против Ковид-19 е драстично поголем.

Според последната статистика на Министерството за здравство за изминативе недели, 67 отсто од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица, пак, кои се невакцинирани изнесува 98 отсто, додека само два проценти од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани, се наведува во анализата на Министерството, каде се посочува дека за вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози вакцини и поминале најмалку 14 дена од примање на втората доза.

Во период од 6 август до 16 декември 2021 на територија на државата починале 2.272 лица со Ковид-19, од кои 1.790 пациенти не биле вакцинирани, а 21 отсто примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, како и пациенти кои се вакцинирале во странство со вакцини на „Модерна“ и „Џонсон“, покажува анализата.

Од Министерството за здравство повторно укажуваат на важноста на вакцинација и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2.

Оттаму нагласуваат дека секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна.

Во меѓувреме Европската Агенција за лекови (EMA) го продолжи рокот на употреба на вакцината на „Фајзер Комирнати“ од шест на девет месеци.

Согласно, извршената промена, носителот на одобрение „Фајзер СРБ д.о.о“ поднесе документација за одобрување на варијацијата и во Република Македонија и истата е одобрена на 20.10.2021 година од страна на Агенцијата за лекови и медицински средства. На 29.11.2021 година, Комисијата за безбедност и огласување при МАЛМЕД, на седница го одобри Писмото за здравствени работници за продолжување на рокот на употреба на вакцината „Комирнати“. Истото е дистрибуирано до здравствените работници на вакциналинте тимови – информираа од МАЛМЕД.

Оттаму додаваат дека збирниот извештај за особините на лекот и Упатството за употреба следствено се ажурирани и во нив е наведен новиот рок на употреба на замрзнатите вијали, кој е продолжен од шест на девет месеци. Условите за чување остануваат непроменети, на температура од -90 °C до -60 °C.

Во рамки на рокот на употреба од девет месеци неотворените вијали може да се чуваат и транспортираат на температура од -25 °C до -15 °C еднократен период од најмногу две недели и може да се вратат на температура од -90 °C до -60 °C .

Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД) оваа одлука ја има објавено јавно на својата веб страница во ноември 2021 година и за истата ги има информирано здравствените работници.

Светската здравствена организација вчера излезе со податоци дека омикрон варијантата на корона вирусот е пријавена во 89 земји, а бројот на случаи се удвоил за 1,5 до три дена во областите на пренесување во заедницата.

Омикрон брзо се шири во земјите со високо ниво на имунитет кај населението, но не е јасно дали тоа се должи на способноста на вирусот да го избегне имунитетот, неговата способност да ја зголеми преносливоста или комбинација од двете, наведува СЗО.

Во земјава вчера од направени 3.814 тестирања, регистрирани се 301 новозаразен со Ковид-19 во изминатите 24 часа. Починати се седум лица, а оздравени 192 лица. Согласно вчера објавените податоците од Институтот за јавно здравје, во Скопје се регистрирани најголем дел од новозаразените – 147.

Досега во земјата се направени вкупно 1.519.050 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на заболени од почетокот на епидемијата изнесува 221.095. Бројката на оздравени пациенти е 207.755, на починати 7.801, а бројот на активни случаи изнесува 5.539.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.