За само неколку часа денеска рускиот претседател, Владимир Путин, имаше разговори и средби со повеќе светски лидери. Последниот беше со францускиот претседател Емануел Макрон. Последен пат кога двајцата разговараа, на почетокот на оваа недела, француската страна рече дека немало ништо охрабрувачко во нивниот разговор. Неколку часа претходно, во разговор со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган, Путин рече дека Москва ќе ја прекине својата воена операција само ако Украина престане со борбите и ако ги исполни барањата на Москва. Русија тврди дека операцијата се одвива според планот и се надева дека украинските преговарачи ќе имаат поконструктивен пристап и ќе ја земат во предвид реалноста на теренот.

Во Москва се одржа уште една средба. Кај Путин синоќа допатува израелскиот премиер Нафтали Бенет. Според јавувањата од Ерусалим, разговорите во Москва траеле три часа. Бенет се координирал со САД, Германија и Франција и сè уште е во постојана комуникација и со Украина. Бенет не откри детали од разговорот со Путин, но рече дека шансите за запирање на конфликтот во моментов се мали.

„Ќе продолжиме да помагаме, иако шансите не се големи. Во моментот кога има макар и мала можност, имаме пристап до сите страни и имаме можности, нашата морална должност ја гледам да вложиме максимални напори, да најдеме дипломатско решение. Сè додека огнот гори треба да вложуваме максимални напори“, изјави Нафтали Бенет, премиер на Израел

Израел ја презема улогата на еден вид посредник откако пред неколку дена тоа го побара украинскиот претседател Зеленски.

Од друга страна, британскиот премиер Борис Џонсон подготви план од 6 точки за пораз на Владимир Путин. Тој вклучува формирање меѓународна хуманитарна коалиција за Украина, зајакнување на воената одбрана на Киев, заострување на санкциите кон Москва, координирани дипломатски напори за надминување на кризата, брза кампања за зајакнување на безбедноста низ евроатлантската област и борба против она што Путин го прави во Украина.

Инаку, украинските и руските преговарачи ќе се вратат на заедничка маса утре. Се планира повторно да се најдат во Брест, Белорусија. /Алсат.мк

Фатлуме Дервиши