Српската Влада денеска донесе Заклучок со кој се одобрува извоз на пченица и пченка во Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

– Владата на Република Србија донесе Заклучок со кој се одобрува извоз на меркантилна пченица и меркантилна пченка на правни лица кои ги извезуваат овие производи во Република Северна Македонија врз основа на договори склучени пред влегувањето во сила на Одлуката за привремена забрана за извоз на основни земјоделско-прехранбени производи, се наведува во соопштенито на српската Влада по одржување на денешната седница.

Овој заклучок овозможува реализација на веќе договорени деловни аранжмани меѓу компании од Република Србија и регионот.

Во соопштенеито се наведува и дека „тоа нема да предизвика нарушувања во функционирањето на домашниот земјоделско-прехранбен сектор, ниту да ја загрози прехранбената сигурност на населението и ќе придонесе за градење доверба и одржување на добри трговски односи во регионот“.

Меѓу останатите одлуки, српската Влада на денешната седница ја усвои и Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за ограничување на цената на нафтените деривати, која ќе биде во сила до 30 април 2022 година.

Прикажи повеќе