Кога користите која било опасна хемикалија, прво прочитајте ги основните информации за нејзините опасности. Повеќето луѓе се трујат во сопственото домаќинство, а главниот виновник е непознавањето на својствата на опасните хемикалии.

Просечно домаќинство содржи околу 62 отровни хемикалии, велат експертите за животна средина, а ние сме секојдневно изложени на нив – од фталати, синтетички мириси до штетни гасови од средствата за чистење на рерните. Сите овие состојки во вообичаените производи за домаќинството се поврзани со астма, рак, репродуктивни и хормонални нарушувања, па дури и невротоксичност.

Хлорот се наоѓа во средствата за чистење тоалети, отстранувачите на мувла и избелувачите на ткаенината. Иако го земаме со вода од чешма, може да предизвика проблеми со дишните патишта но и со тироидната жлезда.

Експертите предупредуваат дека никогаш не е дозволено мешање на различни средства за чистење, бидејќи тоа може да доведе дури и до фатален исход. Познат е случајот кој ја потресе Велика Британија кога почина младата Селија Сејмур поради несовесно користење на варикината. Имено, таа измешала избелувач со средство за чистење бања на база на амонијак, што предизвикало жестока хемиска реакција.

Таа вдишувала опасна мешавина од гасови кои се формирале додека не завршила со чистење на подот во бањата, а тоа предизвикало тежок напад на астма. Таа била хоспитализирана, но лекарите не можеле да се изборат за нејзиниот живот. Починала четири дена подоцна.

Вдишување на гасови создадени со мешање на средства за чистење може да предизвика оток на грлото, сериозно оштетување на белите дробови, па дури и кома или смрт. Ако проголтате и најмала количина од производот, може да се појави оток и болка на усните, во усната шуплина како и во хранопроводникот. Се јавуваат и гадење, повраќање, па дури и крв во столицата.

Алкохолот и избелувачот не треба да се мешаат, бидејќи производите од хемиската реакција можат да бидат опасни за нервниот систем, очите, белите дробови, кожата, црниот дроб и бубрезите.

Природни замени
Сокот од лимон може да се користи за чистење на стакло, а добар е и за отстранување на дамки и непријатни мириси. Пченкарниот скроб е добар за миење прозорци, теписи и за полирање мебел. Етеричните масла се добра замена за вештачките мириси, а можат да имаат и антибактериски својства. За проблематични масни наслаги, можете да користите алкохолен оцет во комбинација со топла вода.