Бугарскиот премиер Кирил Петков најави, пред денешната сдница на Владата во Софија, дека ќе побара оставка од министерот за одбрана, Стефан Јанев, а дека очекува утре да се одржи вонредна седница на парламентот, на која ќе се гласа за негово разрешување.

„Воен министер не може да го користи зборот операција кога станува збор за војна. Ниту еден министер не може да има своја надворешна политика“, изјави Петков, на брифинг пред седницата на Владата.

Како што јави „24 часа“, Петков вчера добил поддршка од лидерите на неговата коалиција за барањето оставка од Јанев. Според Петков, ниту еден министер не треба да мисли дека останување на функцијата е залог за колаицијата.

„Успешно работев со Јанев за време на првата преодна Влада. Ја поддржувам политиката на инвестирање и откривање на сите дефицити во бугарската Армија. Зошто барам оставка? Затоа што ниту еден министер нема право на своја надворешна политика, особено на Фејсбук. Мој министер не може да го користи зборот операција наместо војна, кога веќе се убиени илјадници војници од двете страни. Војници на возраст како мојата најстара ќерка“ , рече Петков.

Тој најави дека очекува веднаш да биде избран нов министер за одбрана, со оглед на случувањата околу Украина. Но за името на идниот министер рече дека ќе донесе одлука по состанок со колаициските партнери.