Советот на Европа соопшти дека ги прекинува односите со Белорусија поради активното учество на таа земја во руската инвазија на Украина.

Advertisements

Извршното тело на Советот на Европа, Комитетот на министри, „денес одлучи да ги прекине сите односи со Белорусија. Комитетот на министри го суспендира правото на Белорусија да учествува на сите состаноци и активности на организацијата“, се вели во соопштението на веб-страницата на Советот на Европа, објавија регионалните медиуми.

Комитетот на министри ја прекинува сета техничка соработка со Белорусија, но одлучи да ги задржи и зајакне врските со белоруското граѓанско општество и опозицијата во егзил, соопшти Советот на Европа, додавајќи дека наскоро ќе бидат преземени и други иницијативи во таа насока.

Белорусија не е полноправна членка на Советот на Европа, бидејќи ја нема потпишано Европската конвенција за човекови права.

Земјата соработуваше со организацијата, како држава потписничка на 12 конвенции иницирани од Советот на Европа, особено Конвенцијата за акција против трговијата со луѓе, Европската културна конвенција и Конвенцијата за зачувување на дивиот свет во Европа.

Белорусија е членка и на четири парцијални договори кои немаат статус на меѓународни договори, но нудат форма на соработка во одредени теми.

Одлуката на Советот на Европа за Белорусија доаѓа по исклучувањето на Русија од членство во таа организација. Учеството на Русија во главните тела на Советот на Европа прво беше суспендирано на 25 февруари, ден по почетокот на руската инвазија на Украина.