Опозицијата во Словенија убедливо победи на парламентарните избори. Движењето за Слобода на 55 годишниот Роберт Голоб освои 33,7 отсто од гласовите или 40 места во 90-члениот Парламент, додека словенечката Демократска партија на актуелниот премиер Јанез Јанша замина во опозиција со 24,5 отсто од гласовите односно 29 пратенички места. Голоб изјави дека веднаш ќе ја оправда добиената доверба од граѓаните и оти брзо ќе формира Влада.

Advertisements

„Жал ми е што сите партии не успеаја да влезат во Собранието бидејќи мислам дека различноста нè прави богати. Во оваа ситуација, гледам дека можеме брзо да формираме Влада. Ситуацијата е премногу тешка за да ни дозволи да чекаме два, три месеци за првите чекори. Ова не е победа, се работи за јасен мандат за Словенците кои очекуваат брзо делување“, изјави Роберт Голоб, претседател на „Движење за слобода“.

Јанез Јанша им честиташе на победниците, велејќи дека доколку другите партии прифателе коалиција со него, резултатите ќе беа поинакви.

„Резултатот сега е таков каков што е и дава слика за голема излезност што, секако ја поздравуваме. Подготвени сме да работиме за општото добро на Словенија, без разлика дали во Влада или во опозиција“, нагласи Јанез Јанша, претседател на Словенечката демократска партија.

Прагот од четири отсто за влез во словенечкиот Парламент го поминаа уште три партии. Словенечкиот парламент има две места резервирани за малцинствата, односно за претставниците на унгарската и италијанската заедница кои според политичката традиција во Словенија, се очекува да го поддржат победникот на изборите. Роберт Галоб се очекува да коалицира и со Социјалдемократската партија на Тања Фајон.

Мефаил Исмаили