Мажот што во Словенија во период од два месеци, во име на други лица, повеќепати се вакцинирал против ковид-19 за да добијат лажни потврди е осуден на 10 месеци затвор за измама, додека четворицата кои платиле за неговата „услуга“ се казнети парично.

Така одлучи Основниот суд во Крањ, кој донесе пресуди за сите инволвирани во измамата, кои се уште не се правосилни, а многумина се прашуваат дали судот постапил праведно, јавуваат словенечките медиуми.

Човек кој минатата година шест пати бил вакциниран за други е откриен на крајот на декември додека се обидувал да ја прими седмата доза и веднаш е однесен во притвор.

Клиентите, иако биле осудени за измама, поминале без затвор, па двајца се казнети со по 2 550 евра, а двајца од 1 360 евра.

Претставници на Здравствениот дом Крањ, каде беше откриен обидот за седма измама, за љубљанско „Дело“ изјавија дека во таков судски епилог изгледа трагично што човек од маргините и со финансиските проблеми е осуден на затворска казна, додека оние кои всушност го искористиле поминале подобро и без затвор.

Полицијата тогаш соопшти дека четворицата мажи, кои не сакале да се вакцинираат, за пари ангажирале лице со социјални проблеми „да го направи тоа наместо нив, лажно прикажувајќи ги нивните документи на неколку различни пунктови за вакцинација“.