Папата Франциск денеска рече дека срцето му е скршено од болка поради оружениот напад во училиште во Тексас во кој загинаа најмалку 19 деца и двајца наставници, јави Ројтерс.

„Срцето ми е скршено од масакрот во основното училиште во Тексас. Се молам за децата и возрасните кои беа убиени и за нивните семејства“,рече папата за пукањето во Увалде, Тексас.

Говорејќи за масакрот што се случи во Тексас, папата Франциск рече дека е време да се каже доста за неселективната трговија со оружје.

„Сите да се обврземе да не се повторат вакви трагедии“,рече тој.

Толпата на плоштадот „Свети Петар“ за време на неговата неделна општа аудиенција го поздрави неговиот апел, кој е упатен еден ден по најголемиот оружен напад во училиште во САД во речиси последната деценија.

Најмалку 19 ученици и двајца возрасни се убиени при пукање во основното училиште „Роб“ во Увалда, Тексас, на околу 130 километри од Сан Антонио. Напаѓачот, идентификуван од властите како Салвадор Рамос, е мртов и се верува дека дејствувал сам. Гувернерот на Тексас, Грег Абог, изјави дека 18-годишниот Рамос посетувал средно училиште во Увалда, објави Си-ен-ен.

Ова е најголем масакр во основно училиште во САД по трагедијата во Сенди Хук во Конектикат во 2012 година, во која беа убиени 26 лица, од кои 20 деца на возраст меѓу шест и седум години.